Од предметите на СЈО, Јовески прво ќе ги распределува оние за кои течат судењата

438
ФОТО: МИА

Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески и комисија од обвинителството од утрово под безбедносни мерки ги преземаат предметите на СЈО. Станува збор за сите случаи, истраги, предистраги и предмети за кои судењата се во тек. Преземањето треба да заврши до крајот на денот, а потоа ќе следува попис на списите да се види дали одговараат со содржината на предметите. Откако ќе заврши пописот, предметите ќе се распоредуваат во надлежно обвинителство и ќе се определува обвинител.

Јовески најави ека предметите нема да се стопираат, туку ќе се процесуираат.

– Ние во процесот на определување на надлежноста на обвинителството и обвинителот ќе им дадеме приоритет на предметите по кои се водат рочишта. Јас очекувам дека Собранието час поскоро ќе го донесе законот за јавно обвинителство во кое ќе се решат не само овие прашања туку и прашања кои досега создаваа проблем на работата на јавното обвинителство. Мислам дека во овој период ние можеме врз основа на постојните прописи ние да работиме и нас постојните прописи не нѐ оневозможуваат да постапуваме – изјави Јовески пред просториите на СЈО.

Тој изјава пред новинарите даваше и во просториите на републичкото обвинителство каде имаше настан за одбележување на почеток на твининг проект од ЕУ. Таму, одговарајќи на новинарски прашања, зборуваше и за тоа што ќе се случува со „бомбите“ кои се користат во случаите на СЈО.

– Познато ви е дека судовите тие докази ги прифаќаат како докази, ние ќе ги користиме натаму во постапката. Но, разбирам дека и одбраната може да има и поинакво гледање на нивната валидност и за тоа судовите во конректниот процес ќе носат соодветни одлуки – изјави обвинителот.

Останатите разговори и материјали, како и тие што се користат, додека да се распределат предметите ќе се чуваат во СЈО според досегашните процедури.

Засега нема решение што, по распределбата на предметите ќе се случува со обвинителите и вработените во СЈО. Јовески, на настанот за твининг-проектот, подоцна изјави оти очекува Советот ја јавни обвинители да го реши нивниот статус.

– На сите обвинители во СЈО, кои се полномошници на специјалниот јавен обвинител, функциите од обвинителствата од кои дошле мируваат и мислам дека тие имаат такви решенија. Прашањата за извршувањето на нивната функција е во надлежност на Советот на јавни обвинители, јас очекувам дека Советот најбрзо што може ќе го реши статусот – рече Јовески.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...