Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, од Подгорица порача дека вината за нереформираниот јавен сервис треба да се бара кај опозицијата.
Манчевски, кој утрово учествуваше на панел посветен на врските помеѓу медиумите и политиката на конференција на Европската Комисија во Црна Гора, изјави дека ситуацијата во МРТ e „екстремно лоша“ и дека „единствено објаснување за тоа е опозицијата“.
– Ние сме осамени во оваа битка и потребно е да се врши постојан притисок – рече тој, и потсети дека македонскиот јавен сервис е „единствен јавен сервис во свет под притисок на опозицијата“, што е потврдено и од страна на Репортери без граници во нивниот последен извештај.
Тој истакна дека државата издвојува милионски суми за јавниот сервис за неквалитетен производ и упати прашање до јавноста да се одлучи дали сака силен или слаб јавен сервис.
Причината за блокадата во МРТ, вели, е што претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Илија Димовски, не ја свикува седницата за избор на нови членови на програмскиот совет на МРТ. Овој совет потоа избира директор.
– ВМРО ДПМНЕ бараат политичко пазарење помеѓу СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ за да има таму политички намесници и во МРТ и во АВМУ. Нема да дозволиме никогаш да се повтори истото, ако треба ќе почекаме уште малку, но мораме да го изведеме процесот како што треба за да го добиеме посакуваниот резултат – изјави Манчевски за новинарите по настанот.
Новинарите му порачаа дека на власта е да излезе со алтернативни решенија и план Б како што тоа го стори за Специјалното јавно обвинителство на пример, меѓутоа министерот смета дека какви било измени во законот би траеле многу подолго и дека власта сака да постапи во согласност со постојните правила.
– Не се согласувам да правиме измени на своја рака за вакви теми, требаа три години да го спремиме, отворањето на законот ќе трае многу подолго отколку ако сите заедно запнеме за да помине во Собрание. И за да се смени нешто во државата генерално не може да очекуваат граѓаните Владата сѐ да им направи. Треба да се смениме сите. За да има промени треба два милиона луѓе да го сменат начинот на кој размислуваат – рече Манчевски.
За реформата на јавниот сервис, според него, одговорноста треба да се бара кај опозицијата.
– Ова прашање треба да го поставите на Илија Димовски, не само што тој е претседател, туку изгубивме мнозинство поради преминувањето на БЕСА во опозицијата, таму е 7-6 за опозицијата. Ве молам упатете го прашањето до Илија Димовски – кажа Манчевски.
Министерот изрази жалење што не постои поголем интерес кај јавноста, вклучително и професионалната јавност за оваа реформа, бидејќи тоа според него би бил многу поефикасен и побрз начин да се изведат посакуваните промени во јавниот сервис.
Како поткрепа на оваа теза, истакна и дека професионалната јавност не покажала интерес за членување во програмскиот совет.
– Освен на вакви дебати и прашања што мене ми ги поставуваат, никаде на друго место не се зборува. Гледајте го интересот на професионалната јавноста за учество во програмскиот совет. Таму за единаесет места имаме вкупно пријавено седумнаесет кандидати од кои половина се од претходниот состав. Е, толкав е интересот за јавниот сервис – изјави министерот за информатичко општество.
Тој се осврна и на проблемот со дезинформациите и лажните вести во земјата, како и ниското ниво на квалитет на медиумското производство. Иако смета дека саморегулацијата е најдобар начин, засега тие обиди не даваат доволни резултати и побара „со повеќе итност“ професијата да настапи со конкретни предлози.
– Регулацијата треба да дојде од медиумските организации, ние сме тука да понудиме средства ако треба, но јас не гледам многу од таа саморегулација, можеби ќе треба нешто друго, треба да ја земеме предвид опцијата за законски решенија – изјави Манчевски, додавајќи дека Северна Македонија отиде од една крајност во друга, по единаесет година контрола врз медиумите и владини реклами.
Тој праша дали саморегулацијата е доволна и колку време ќе треба за да донесе промени, и рече дека можеби е време е за поинаков пристап, повикувајќи ги медиумските здруженија и организации да поднесат свои предлози за да се подобри состојбата на медиумската сцена.