Пресек на постигнатото, актуелните случувања и изгледите во однос на нашите очекувања од октомврискиот Совет на Европската унија, направија денеска на средба во Берлин министерот за надворешни работи Никола Димитров и неговиот германски колега Хајко Мас.
Министерот Димитров изрази благодарност за принципиелната и конзистентна германска поддршка и пријателство и уверување дека во октомври нема да се испушти приликата за заеднички успех.
– Оваа година сум чест посетител на Берлин и денес, непосредно во очи на октомврискиот Совет на ЕУ, сум дојден да разменам мислења со нашите германски пријатели и да нагласам уште еднаш дека Северна Македонија претставува недвосмислена можност за заслужен и заеднички успех со ЕУ во октомври. Благодарни сме за германската поддршка и уверени сме дека европската перспектива ќе биде наскоро валидирана и препознаена и од сите останати земји-членки на ЕУ, рекол Димитров, соопшти МНР.
Мас ја реафирмирал поддршката за државава истакнувајќи дека е оптимист во однос на очекувањата од Советот на ЕУ во октомври и оти не гледа никакви пречки за Северна Македонија да ги започне преговорите за членство со ЕУ.
Како што објави на твитер германското МНР, Мас порачал дека Северна Македонија ќе го најде својот пат кон Европската унија преку соработка и компромис, преку демократија и владеење на правото.
– Северна Македонија е дел од Европа. Ќе продолжам да работам кон преговорите за пристапување кон ЕУ. Мора да ги почитуваме достигнувањата Северна Македонија ќе го најде својот пат во преку соработка и компромис, преку демократија и владење на правото, стои во објавата.
Димитров на првиот ден од работната посета на Берлин ги презентираше македонските аргументи пред германските домаќини за добивање одлука за почеток на пристапни преговори со ЕУ во октомври. Имал обраќање и размена на мислења со релевантни соговорници од неколку државни институции, членови на Бундестаг и на тинк тенк заедницата, за време на работниот појадок организиран од фондацијата Кербер.
На средба со државниот министер надлежен за Европа, Михаил Рот размениле мислења околу конкретните реформски резултати што Северна Македонија ги постигна и поширокиот регионален и ЕУ контекст во пресрет на октомврискиот Совет. Се сретнал и со пратениците од Бундестагот Јосип Јуратовиќ (СПД), Гунтер Крихбаум (ЦДУ, претседавач на Комисијата за ЕУ прашања), Кристијан Петри (СПД), Михаил Куфер (ЦСУ), како и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на канцеларката Ангела Меркел.
– На средбите со германските пратеници кои дадоа јасна поддршка, стана збор за резултатите и напредокот што земјата го оствари и аргументите зошто позитивната одлука во октомври е заслужена, особено во пресрет на претстојната дебата на Бундестагот на крајот на септември, се вели во соопштението од МНР.
Министерот Димитров посетата на Берлин утре ја продолжува со средби со пратеници од германскиот Бундестаг, советникот за надворешна политика на Канцеларката Меркел, како и со претставници на германското Министерство за надворешни работи.