Клуб на пратенички: Да престанат навредите, сексизмот и мизогенијата кон жените во политиката

170

Клубот на пратеничките денеска реагираше на сѐ почестиот говор на омраза и навредите искажани кон жените особено преку социјалните мрежи, а пренесени преку одредени партиски и медиумски претставници.

– Бараме професионално и етичко однесување од сите политички партии, медиуми и други фактори одговорни за содржините на социјалните мрежи, да се однесуваат согласно конвенциите за почитување на човековите права, со акцент на правата на жените и праќаме порака дека нема да толерираме навредливи и дискриминаторски изјави без разлика од каде доаѓаат тие – рече претседателката на Клубот на пратенички во Собранието, Ѓулумсер Касапи.

Клубот на пратенички, потенцира таа, е согласен и обединет да ги разгледа и да ги употреби сите можни инструменти за институционална реакција со покренување на иницијативи за дополнување на законската регулатива за родовата еднаквост.

На прес-конференцијата присуствуваа пратенички од сите политички партии застапени во Собранието, а Касапи во изјавата потенцира дека тие заедно без разлика на партиска, етничка, религиска и друга припадност цврсто се спротивставуваат и ги осудуваат изјавите и формите на комуникација со навреди и омаловажување на жената во политиката, но и воопшто во нашето општество.

– Навредите, сексизмот и мизогенијата, искажани и насочени кон жените во политиката, крајно време е дефинитивно да престанат – рече Касапи, потенцирајќи дека тие како претставнички на сите жени ќе се борат да го елиминираат и говорот на омраза и лажните вести и дискредитации кон личноста на жената во политиката.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...