Стручните соработници и техничкиот персонал во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) испратило писмо до американската и до холандската амбасада, до евроамбасадорот Самуел Жбогар, претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и до Државниот обвинител Љубомир Јовески во кое бараат да се решени нивниот статус зашто се плашат дека од понеделник, кога ќе истече мандатот на Катица Јанева, и тие ќе останат без работа.
„Во услови кога државата беше соочена со сериозни предизвици за својата иднина и кога функционирањето на институциите на системот беше блокирано во секоја смисла на зборот, во услови кога со месеци ниту една институција не го поддржа формирањето на СЈО и неговото екипирање со стручен и помошен кадар, се охрабривме да бидеме крикот на правдата и да се приклучиме на обвинителскиот тим. Притиснати од опструкции, навреди, постојани медиумски напади и етикетирања, свесно прифаќајќи извесен безбедносен ризик за нас и нашите семејства, работевме одговорно, напорно, безрезервно и професионално, доследно почитувајќи ги законите, вложувајќи ги своите напори да создадеме нови професионални стандарди што ќе бидат позитивен пример за сите други институции“, пишува во писмото на вработените во СЈО.
Тие стравуваат дека одлуките на преговарачките тимови може да бидат мотивирани од одмазднички пориви кон нив.