Специјалното јавно обвинителство денеска го известило државниот обвинител Љубомир Јовески дека е подготвено веднаш да ги предаде предметите по кои постапува со сите списи и докази.
„Постапувајќи по дописот, до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија доставено е известување дека Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е подготвено веднаш да ги предаде предметите по кои постапува со сите списи и докази“, соопшти СЈО.
Оттаму потврдуваат дека Јавното обвинителство до нив доставило допис во кој е наведено дека согласно член 6, став 5 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, неопходно е ова Обвинителството да преземе дејствија за предавање на предметите во ЈО.
За останатите детали околу примопредавањето СЈО соопшти дека ќе извести дополнително.