Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска побара претседателот на Собранието Талат Џафери итно да свика седница со единствена точка на дневен ред, разрешување на осомничената специјална јавна обвинителка Катица Јанева.
– Согласно член 67 став (2) и член 68 став (2) од Деловникот на Собранието, по барање на 20 пратеници господинот Талат Џафери треба да свика итна седница на која на дневен ред ќе биде разрешувањето на Катица Јанева и тоа инсистираме да биде денес, а не како што најави Талат Џафери за два или три дена, туку денес веднаш да биде свикана итна седница, за да има време Советот на јавни обвинители да го разгледа предлогот и да ја разреши Kатица Jанева – изјави денеска на прес конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Тој рече дека парламентарното мнозинство предводено од СДСМ вчера заедно со Џафери ја спаси осомничената Катица Јанева откако екрепсно одби да расправа за нејзиното разрешување.
И пратеникот Илија Димовски на својот профил на Твитер објави:
„Талат Џафери треба итно, за денес, да ја свика седницата за разрешување на Катица Јанева, за да има време Советот на Јавни обвинители да ја донесе конечната одлука. Секое одложено закажување на седница за утре значи спасување на Катица Јанева и прикривање на рекетот и уцените“.
– Зошто СДСМ не сакаат да биде разрешена Катица Јанева иако тоа веќе е констатирано од страна на Советот на јавни обвинители и од Комисијата за прашања на изборите и именувањата? Дали Владата на Зоран Заев е во координација и синхронизација со самата Катица Јанева, обвинителката Вилма Рускоска и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и се дел од планот за спас на Катица Јанева? Дали со штитењето на Катица Јанева се штитат и високи функционери на СДСМ – праша Мицевски.
ВМРО-ДПМНЕ ги повика пратениците на СДСМ и на владеачкото мнозинство да гласаат за разрешување на осомничената Катица Јанева.
– Апелираме и до парламентарното мнозинство и господинот Џафери да престанат со тактизирање и уште денес да се свика итна седница и осомничената Катица Јанева да биде разрешена од нејзината функција за да може да се остави простор до 15 септември да се избере нов специјален обвинител – додаде тој.