Неизвесно е дали и кога ќе продолжат преговорите меѓу власта и опозицијата за законот за јавното обвинителство по вчерашното фијаско на лидерската средба помеѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и нивните тимови.
Заев иако на денешната прес конференција рече дека остава отворени врати за разговорите да продолжат, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ засега нема одговор за нова средба.
И за премиерот и за Министерството за правда планот Б е депласиран по писмото на Катица Јанева за префрлање на предметите на СЈО во ЈО.
– За преговорите не знаеме дали има простор во скоро време да се смени нешто – велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека од аспект на предметите на СЈО не е ургентно законот да се донесе до 15 септември, но дека е добро од аспект на евроинтеграциите законот да се донесе пред одлуката за датумот за преговори.
Премиерот иако разочаран од лидерската, сепак се надева дека преговорите може да продолжат доколку има нова идеја.
– Се надевам дека било која идеја може да нѐ доведе до повторно седнување и решение. Ако имаат идеја, пак ќе седнеме. Нема да го спроведуваме планот Б за Законот за Советот на јавни обвинители. Предметите преминуваат во ЈО и тие имаат иднина. Така и се разделивме синоќа. Ако имате идеја јавете се, ако имаме идеја ќе се јавиме. Не треба да се откажуваме сѐ додека постојат шанси треба да оставиме отворени врати за преговори. Должност ни е да ја обезбедиме иднината на овие предмети надвор од рацете на политичарите. Мислам дека направивме исчекор кога рековме дека висока корупција ќе се однесува на избрани и именувани лица и тоа ќе биде под надлежност на Обвинителство за висока корупција. Проблемот е што тие сакаат под тоа Обвинителство да дојдат сите предмети од СЈО – рече Заев.
Тој апелира до опозицијата во пресрет на очекувањето на датум за преговори да увиди колку е важно, како што рече, да покажеме дека можеме да ги поставиме државните интереси над партиските.
– Нема компромиси за предметите на СЈО. Тие ќе продолжат. Правда мора да има – порача Заев.