За девет дена 11 граѓани гризнати од куче

Доколку сопствениците држат на јавно место кучиња без заштитна маска истите ќе бидат санкционирани според членот 29 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир за „држење кучиња или други опасни животни без надзор или заштитна маска“ и глобата при тој прекршок изнесува од 100 до 400 евра - велат од МВР

1110

Речиси секој ден, по еден скопјанец е нападнат од куче. Ова го говорат  официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи, во кои стои дека од први овој месец па сè до деветти, 11 граѓани биле нападнати од страна на куче скитник, односно за 9 дена имало 11 напади од кучиња. Загрижувачки се и податоците добиени од МВР во кои стои дека, во текот на минатиот месец на подрачјето на Град Скопје пријавени се 32 случаи на каснати лица од кучиња скитници.

Ваквата поразителна статистика околу проблемот со нападите на улични кучиња врз граѓани трае веќе подолг временски период. Институциите  постојано си ја префрлаат топката едни со други околу тоа, кој е одговорен за решавање на проблемот. Резултатот од немањето соодветна стратегија која долгорочно ќе го реши проблемот со кучињата кои талкаат по улици, е енормното зголемување на нивниот број по скопските улици.

Сепак, уште позагрижувачки е податокот што деца и повозрасни се цел на напад од кучиња кои имаат сопственик. Негрижата на сопствениците кон сопствените животни, како и игнорантскиот однос кон законите во кои строго е пропишано како смее да се шета домашен миленик, резултира со агресивност на животните и бројни напади врз граѓани.  

На скопските улици сè почесто можат да се забележат и расни кучиња, за чие купување сопствениците потрошиле стотици евра, но поради различни причини таквите животни завршиле на улици и претставуваат потенцијална опасност по здравјето и безбедноста на граѓаните.

Последен ваков случај на напад од страна на домашно куче се случи на осми овој месец во паркот за кучиња на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов во скопската населба Карпош. Имено, тринаесетгодишно девојче и нејзиниот татко беа искасани од куче ротвајлер, кое во тој миг било придружувано од својот сопственик.

Токму околу решавањето на овој проблем, околу сè позачестените напади од страна на кучињата, сè уште нема никакви конкретни најави за наоѓање на трајно решение од страна на надлежните институции.

Сепак, од МВР се децидни дека доколку сопствениците на кучиња не се придржуваат кон законски утврдените регулативи, ќе бидат соодветно санкционирани.

– Доколку сопствениците држат на јавно место кучиња без заштитна маска, ќе бидат санкционирани според членот 29 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир за „држење кучиња или други опасни животни без надзор или заштитна маска“ и глобата при тој прекршок изнесува од 100 до 400 евра. Министерството за внатрешни работи ако утврди дека кучето кое нападнало лица има сопственик, откако ќе се утврди идентитетот на сопственикот против него се поднесува соодветна кривична пријава – објаснуваат од МВР.

Во обид да се намали агресивноста на кучињата кои немаат сопственици, ЈП „Комунална хигиена“ од 2007 година ја спроведува Програмата за третман на бездомните кучиња според принципите за хуман третман на животните – „Залови, стерилизирај, врати“. Сепак и покрај тоа што скоро сите кучиња скитници биле подложени на оваа програма, сепак повторно кај некои од нив се јавува агресивност.

–  Не постои гаранција за ниту едно животно дека нема да пројави агресивност во одреден период од животот или во одредени услови. Кучињата што веќе биле заловени и третирани во Стационарот се стерилизирани, прочистени од внатрешни и надворешни паразити, обележани со ушна маркичка и вратени на местото на заловувањето. Никој понатаму не може да предвиди дали токму овие кучиња ќе го променат однесувањето, ќе се разболат или ќе пројават агресивност во текот на нивниот живот – објаснува Ана Марија Бранѓолица од ЈП „Комунална хигиена“.

Неофицијалните податоци говорат дека на скопските улици има повеќе од 6.000 кучиња скитници. Сепак, за да се утврди нивниот точен број, но и бројот на кучињата кои имаат сопственици, Агенцијата за храна и ветеринарство набавува 100 000 микрочипови. Чипирањето на сите животни ќе биде задолжително и според најавите би требало да се реализира од следниот месец или најдоцна од месец јуни.

Елена Вељановска

„Слободен печат“

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...