Северна Македонија – превод и геополитика

Во секој случај, името Северна Македонија и неговата употреба во меѓународни рамки ја одразува перцепцијата на промените во геополитичката реалност во регионален и во поширок европски контекст. Без оглед на толкувањето на лингвистичките аспекти околу преводот, се чини дека тоа не ќе може пресудно да влијае на натамошното меѓународно етаблирање и користење на новото македонско државно име. 

1042

Дебатата која се развива околу начинот на кој функционира употребата на новото државно име по Преспанскиот договор, Северна Македонија, се чини во добар дел се фокусира врз лингвистичките аспекти поврзани со преводот, а помалку со геополитичките димензии по широкото меѓународно прифаќање на решението за повеќегодишниот меѓудржавен и регионален спор.

Новото име е прифатено и се користи на разни нивоа во голем број земји, без посебна потреба и инсистирање да се подложи на некакви сериозни лингвистички, правни и политички анализи што би го инкорпорирале и силниот емотивен набој што по промената на државното име предизвика силни бранувања и поделби меѓу македонските граѓани. Без оглед на преводот на разни јазици.

Кога станува збор за скандинавските јазици, на пример, дел од медиумите во Шведска и Данска во првите денови по потпишувањето на Преспанскиот договор побрзаа да го исфрлат акронимот ФИРОМ на буништето на историјата и го лансираа преводот Norra Makedonien, значи, одвоено, Северена Македонија. Но набрзо потоа се искристализира транскрипцијата на споменатите јазици од северно-германската јазична група, така што целосно за сеопфатна употреба, според правописниот стандард, се етаблира преводот Nordmakedonien (слеано).

Според шведскиот Институт за јазик и народна меморија, како целосно доминантен шведски урнек за имиња на држави базирани врз географски насоки, односно врз страните на светот, доаѓа до израз спојување со одредниците север, југ, запад, исток (nord-, syd-, väst-, öst). На пример, слеано пишување како Nordkorea (Северна Кореја), Sydsudan (Јужен Судан), Östtimor (Источен Тимор), Västsahara (Западна Сахара). Во таа смисла, каков вид лингвистички компромис би бил можен тука за да се пристапи кон отстапување од споменатото стандардо правописно решение, што би мотивирало одвојување на географската одредница Северна (Norra).

Друго прашање е кога станува збор за именување на националноста и државјанството. На пример, граѓаните на Јужна и Северна Кореја (Sydkorea и Nordkorea) шведските медиму ги именуваат слеано со придавката, односно Јужнокореанци и Севернокореанци (sydkoreaner и nordkoreaner). Следствено на таквата јазична практика, во известувањата на скандинавските медиуми во изминатиот период можеше да се забележат одделни примери на именувањето на македонските граѓани со слеаната форма nordmakedonier (Северномакедонци). Се појавија и примери на веб-страниците на некои шведски организации и фондации кои своите услуги ги нудат во превод на разни јазици, да се појават и преводи на nordmakedonska språkeт, односно на „северномакедонски јазик“.

Споменатиот шведски институт токму во тој контекст укажа дека нејаснотии веројатно ќе се јават во однос на придавката и ознаката за националност, при што посебно би можело да се очекува дека скандинавските медиуми, без посуштинско и попрецизно познавање на одредбите во потпишаниот Договор за името, ќе ги употребуваат слеаните ознаки – nordmakedonsk (северномакедонски/-ска) и nordmakedonier (Северниомакедонци).

Нема никакво сомнение дека доколку се имаат предвид наведените околности се чувствува потреба од неодложен и поинтензивен македонски дипломатски ангажман со цел да бидат спречени и пред се избегнати уште поголеми штети во однос на употребата на идентитските одредници и посебности поврзани со името Северена Македонија на меѓународен план.

Слеаната форма, како што можеше и да се очекува, отвора простор и за подиректно поврзување на терминот Македонија како географска регионална одредница со Грција. Еден од примерите за тоа е шведскиот државен монопол за продажба на алкохолни пијалоци, „Систем болагет“, во чии рамки започна официјалната употреба на новото име Северна Македонија. Претходно со впишување на Македонија, (Makedonien) во пребарувачот на веб-страницата на „Систем болагет“, се покажуваа десетина сорти вино како производи од Грција, означени со грчко знаменце. На пример, „Бутари Сирах, Грција, Македонија“. Значи, зад земјата на потеклото, на крајот, е „прикачен“ регионот Македонија, односно ознаката на географско потекло.

Но со такво интеренет-пребарување се појавуваа  и неколку вински сорти кај кои до македонското знаменце како земја на потеклото беше наведена Република Македонија (Republiken Makedonien), со додавка дека се од регионот на Повардарието. На пример: „Вранец, Република Македонија, Повардарие“. Тоа беше, би се рекло, инвентивното решение на оваа шведска државна компанија со цел во нејзиниот асортиман да се означат земјите на потеклото за вината од Грција и Македонија. Всушност, што се однесува до пребарувачот на веб-страницата на „Систем болагет“, тој не ги препознава разликите меѓу хомонимите, односно истоимените региони, туку резултатите од пребарувањето ги сортира според името кое е впишано во спецификацијата на производите.

Токму затоа, сега со впишување на „Makedonien“ пребарувачот исфрла на показ 30 вина кои исклучиво (!) се сортирани под името на земјата на потеклото Грција, со додавка на регионот Македонија. На пример, „Naoussa Boutari, Grekland, Makedonien“. Значи, без оглед на промените што произлегуваат од Преспанскиот договор, регионот Македонија во овој контекст и понтаму, на истиот начин како и порано, е поврзан со Грција.

А за да најдете вина во богатиот асортиман на „Систем болагет“ од „поранешна“ Република Македонија, сега мора да впишете „Nordmakedonien“, и тогаш во пребаровачот ќе добиете 19 резултати. Тоа е, едноставно, новата реалност. Во исто време станува јасно и тоа дека за најавените заложби од страна на грчкиот премиер Мицотакис, за заштитата и зајакнување на производите од Грција што го носат називот „македонски производи“ и на брендот „Македонија“, постојат добри претпоставки за успешен исход.

Во секој случај, името Северна Македонија и неговата употреба во меѓународни рамки ја одразува перцепцијата на промените во геополитичката реалност во регионален и во поширок европски контекст. Без оглед на толкувањето на лингвистичките аспекти околу преводот, се чини дека тоа не ќе може пресудно да влијае на натамошното меѓународно етаблирање и користење на новото македонско државно име.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...