БПЦ не може да ѝ биде мајка на МПЦ-ОА, туку само маќеа!

Вселенскиот патријарх Вартоломеј има потполно право кога вели дека БПЦ не претставува вистинска адреса на која што МПЦ-ОА треба да го бара признавањето на својата автокефалност, бидејќи излезот од расколот може да се случи единствено преку СПЦ, објаснуваат црковните експерти.

1417

Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј ѝ се налути на Бугарската православна црква (БПЦ) поради отворената поддршка која таа ѝ ја дава на Македонската православна црква (МПЦ-ОА) и поради тоа што, како што истакна, ја застапува пред останатиот дел од православниот свет, давајќи ѝ легитимност и покрај тоа што се работи за црква која се наоѓа надвор од единството со останатите цркви. Патријархот посочи дека чекорите што ги презема БПЦ во оваа насока се погрешни и дека не помагаат да се реши проблемот, бидејќи како што рече, ваквите сложени прашања треба да се решаваат само чесно и отворено. Со овие зборови г.г. Вартоломеј ги пречека македонските ученици и професори од среднотго богословско училиште „Св. Климент Охридски“ од Скопје, кои во минатата среда го посетија седиштето на Константинополската патријаршија во Турција.

Одговорност, чесност и искреност

Сакам да го отворам ова прашање, бидејќи сакам да бидам апсолутно искрен со вас и да ви кажам дека потегот што го прави БПЦ со МПЦ-ОА е крајно погрешен и воопшто не помага во решавањето на проблемите, истакна вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј за време на средбата со македонските ученици и професори во Истанбул.

– Мајката-црква на сите балкански народи е Константинопол, па сето она што се дискутира околу идејата на МПЦ-ОА да ја прифати БПЦ за мајка-црква е вештачки создадено мајчинство. Тоа не помага и дополнително ги комплицира работите. Бугарската црква не може да ја воведе МПЦ-ОА во каноничност и во канонски односи со другите цркви. Меѓу православните мора да има одговорност, чесност и искреност – рече г.г. Вартоломеј.

Тој им порача на учениците дека можат во било кое време да го посетат седиштето на црквата-мајка на сите православни народи, а како што истакна, тој искрено верува во новите генерации теолози и свештеници за кои смета дека можат во голема мера да помогнат во решавањето на црковниот проблем.

– Секојпат кога ќе дојдете во Константинопол, не треба да се чувствувате како странци, туку чувствувајте се како дома. Имаме многу надежи за вас и за вашето служење во Црквата во иднина. Ова искрено го кажувам и покрај познатите проблеми што во моментов постојат помеѓу Грција и вашата земја, како и проблемите помеѓу вашата црква и другите православни цркви. Се надевам дека новите генерации теолози и свештеници значително ќе помогнат во зајакнувањето на врските меѓу соседните нации православните цркви – рече патријархот.

СПЦ е вистинската адреса

Вселенскиот патријарх Вартоломеј има потполно право за тоа што вели дека БПЦ не треба да претставува адреса на која што МПЦ-ОА треба да го бара признавањето на својата автокефалност, вели новинарот и познавач на црковните прашања Бранко Ѓорѓевски.

– Со децении наназад е кристално јасно дека вистинската адреса за решавањето на статусот на МПЦ-ОА се наоѓа единствено во Српската православна црква (СПЦ), која според ставовите на останатите православни цркви има потполно право да биде мајка-црква на МПЦ-ОА. Меѓутоа, јас не се согласувам со ставот на г.г. Вартоломеј кога вели дека Вселенската патријаршија е мајка-црква на сите православни цркви на Балканот. Оваа негова изјава е многу индикативна, бидејќи сите цркви веќе со години се договараат да се воведе принцип на консензус меѓу православните цркви кога се работи за проширување на семејството. Затоа сметам дека Вселенската патријаршија преку оваа изјава на патријархот повторно може да ги отвори проблемите на релација со Руската православна црква (РПЦ), објаснува Ѓорѓевски.

Свештеникот Ивица Тодоров од МПЦ-ОА, пак, смета дека главната цел на патријархот Вартоломеј не била да им зборува на македонските ученици за односите помеѓу МПЦ-ОА и БПЦ.

– Кога станува збор за изјавата на вселенскиот патријарх Вартоломеј, јас тврдам дека неговата цел не била да им објаснува на нашите ученици за тоа како стојат работите меѓу МПЦ-ОА и БПЦ, туку таа тема на разговор случајно била отворена. Единствено што јас можам да кажам во моментов е дека Синодот на МПЦ-ОА очигледно решил да ги прави овие чекори, а членовите на Синодот никогаш не се консултирале со своето свештенство. Никој досега не нè контактирал за ова прашање и затоа ние немаме никакво мислење – вели Тодоров.

Епископот стобиски г. Давид од Православната охридска архиепископија (ПОА) потенцира дека сè додека МПЦ-ОА бара лек за својата болка преку заобиколни патишта, сè дотогаш ќе се излизгува и нема да успева да стигне до болницата.

– Точно е дека Константинополската патријаршија е мајка-црква на балканските помесни цркви и факт е дека ако МПЦ-ОА некогаш посака да се врати во единството со православните цркви, тоа нема да може да го направи без Православната охридска архиепископија – објаснува г. Давид.

Мартин Богатиноски

„Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...