Владата денеска ја усвои Предлог – Платформата за учеството на делегацијата на Република Северна Македонија на 74-то редовно заседание на Генералното собрание на Обединетите Нации, предводена од премиерот Зоран Заев, кој ќе има и свое обраќање на генералната дебата на Собранието на 28 септември 2019 година.
Фокусот на активностите на делегацијата покрај на темите од агендата на ГС, ќе биде ставен врз билатералната соработка, напредокот во реализацијата на стратешките надворешно-политички цели на Република Северна Македонија со акцент на промовирање на новиот пристап во решавањето на билатералните и регионалните прашања, реформите на национален план, како и очекувањето (добивање датум) за започнување преговори со ЕУ, завршниот процесот на ратификација за членство во НАТО. Посебен акцент ќе биде ставен на афирмација на придобивките од договорот со Грција за надминување на разликата околу името, и приоритетните прашања од агендата на ГС на ОН.
На денешната седница, Владата ја усвои Информацијата за пристапувањето на Република Северна Македонија во Стратегијата за Јадранско-јонскиот регион и ги задолжи Секретаријатот за европски прашања и Министерството за надворешни работи да побараат од надлежните министерски ресори да определат по еден национален координатор за Стратегијата кои ќе бидат задолжени за земјоделство, шумарство и водостопанство, за проектите за транспорт и врски, економија, за животна средина и просторно планирање, како и координатори за проектите за поврзување на регионот.