Иранка се самозапали пред да ја осудат за обид за влегување на стадион

955

Жена во Иран се самозапали пред да и биде изречена казна затвор бидејќи сакала да гледа фудбалски натпревар на стадион.

Таа се запали пред судот кога слушна дека би можела да биде осудена на затворска казна од шест месеци.

Трагичната смрт на 30-годишната жена идентификувана како Шахар предизвика бројни коментари меѓу фудбалските ѕвезди и познати личности во Иран, каде на жените им е забранет влезот на стадиони.
Шахар почина вчера во болница во Техеран. Таа на социјалните мрежи беше позната како „Сина девојка“ според боите на клубот Естеглал, за кого навиваше.

Таа се обидела да влезе на стадион облечена како маж, но била сопрена од полицијата. Шахар помина три ноќи во затвор пред да биде пуштена додека судот не донесе одлука. До сега судот не донел никаква одлука.

Поранешниот фудбалер на Бајерн од Минхен, Али Карими, кој 127 пати настапуваше за репрезентацијата на Иран ги повика Иранците да го бојкотираат следењето натпревари на стадиони по смртта на навивачката.

Во август заменик министерот за спорт Џамшид Тагизадехех најави дека Иранките првпат по 40 години ќе им биде дозволено да присуствуваат на квалификациите за Светското првенство во фудбал.

– Жените на 10 октомври ќе можат да дојдат на стадионот Асади на квалификацискиот натпревар против Камбоџа. За тоа се исполнети условите и Иран на тој начин ќе му покаже на светот дека жените не се дискриминирани, посочи тогаш Тагизадехех.

Во Иран на жените им е забранет влезот на стадионите уште од 1981 година, кратко време по Исламската револуција од 1979 година. Тогаш ултраконзервативните клерици тоа го оправдаа со тврдењето дека жените не смеат да се изложени на френетичното навивање на мажите ниту на нивните „невкусни“ коментари.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино неодамна апелираше до Иран да им дозволи на жените присуство на стадионите за време на квалификациите за Светското првенство 2022 година во Катар. Тој на Иранскиот фудбалски сојуз му даде рок до 15 јули да ја укине забраната.

Иран е во групата со Иран, Бахреин и Хонг Конг која игра квалификации за Азискиот куп 2023 година.

Постои можност ФИФА да го санкционира Иранскиот фудбалски сојуз (ФФИРИ) ако жените и понатаму се исклучени од стадионите. Суспензијата би значела дека Иран нема да може да учествува на Светското првенство во 2022 година.

Минатата година на жените им беше дозволено да присуствуваат на натпреварите за азиското финале од Лигата на шампиони во Иран, но не можеа да го следат меѓународниот пријателски натпревар против Сирија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...