Власта и опозицијата вечерва во 20 часот во законодавниот дом на зелена маса ќе ги извадат своите аргументи и адути за конечно решение околу предлозите за Законот за јавно обвинителство, откако долгите и напорни разговори и средби на работните групи на самиот крај се изјаловија. И во двете најголеми партии се согласни дека на државата не смее да ѝ се повтори Катица Јанева и затоа на вечерашната лидерска средба ќе се обидат да постигнат компромис во врска со работата на Јавното обвинителство.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски обвинува дека несериозноста на СДСМ во преговорите произлегува од нивната крајна цел – да спречат отворање на каква било истрага за нивните функционери кои се инволирани во неколку случаи изнесени во јавноста и тоа за помалку од шест месеци.
– Јавниот обвинител не отвори истрага по допрен глас за изборниот криминал направен на последните парламентарни избори и тоа за случајот во јавноста познат како „брзи прсти“. Нема истрага за изборниот поткуп изречен јавно од страна на Заев. До каде е случајот со Курто Дудуш? Го истражија ли докрај случајот со Павле Богоевски и набавката на опојна дрога? Има ли истрага за случајот „Леонардо“ поврзан со Драги Рашковски каде што станува збор за криминал од меѓународни рамки? Да не беше притисокот на јавноста и пишувањето на новинарот Бранко Героски, немаше ни случајот „Рекет“ да го отворат, иако таму допрва треба да се отплетува криминалната мрежа. Во ситуација кога јавниот обвинител Јовески ја слуша само Катица Јанева од притвор, а не дава одговор за сите набројани криминали на власта, тогаш е јасно за какво обвинителство се залага власта – вели Стоилковски и потсетува и на аферата за прислушувањето на 70-те обвинители, која ја откри власта, а од тогаш помина повеќе од половина година нема ниту абер, ниту епилог кој го активирал големото уво во ОЈО.
Според опозициската партија, вечерва на средбата се очекува, лидерите да го следат сработеното од страна на работните групи и сепак во интерес на државата да ги закопаат секирите во делот за Законот за обвинителство, иако по изјавата на премиерот Заев дека суштината на проблемот се крие во дилемата дали „бомбите“ ќе се користат како доказ во судските посапки или не, тешко е за верување дека лидерите по средбата ќе искажат добри вести, односно дека постигнале договор.
Освен „бомбите“, двете страни не можат да се согласат и околу статусот на обвинителите на СЈО зашто опозицијата наместо нивно припојување кон државното обвинителство, бара тие да се вратат на местата од каде што дојдоа пред политичкиот договор за СЈО, а потоа како и сите граѓани во државата да се борат за место во обвинителството на јавен конкурс. Според ВМРО-ДПМНЕ, новиот закон не ја решава судбината на СЈО, туку на ОЈО кое треба да се ослободи од притисокот на власта, а обвинителите да почнат слободно да работат.
Портпаролот на СДСМ Коста Костадинов вели дека СДСМ не отстапува од ставот дека правосудството и обвинитеството треба да работат без никакви политички влијанија и каков било притисок, а и да ги завршат сите истраги и случаи.
Во СДСМ пак, потсетуваат дека ВМРО-ДПМНЕ со месеци тактизираат и глумат дека сакаат Закон за јавно обвинителство по европски стандарди, а всушност бараат начин како да се забошотат истрагите на СЈО за нивните поранешни функционери и затоа велат дека каменот на сопнување треба да се бара кај спротивната страна.
На средбата вечерва Заев ќе го придружуваат министерката за правда Рената Дескоска, пратеничката Соња Мираковска и советникот Бојан Маричиќ.
Мицкоски пак се очекува да дојде со пратеникот Антонијо Милошоски, адвокатот Тони Менкиновски, професорот Звонко Муџински и адвокатот Панче Тошковски.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски освен за Законот за јавно обвинитество ќе разговараат и за одржување предвремени избори, барање за кое ВМРО-ДПМНЕ тврди дека го поставиле како услов за да седнат на лидерската маса.
– Темата за предвремени избори беше услов за лидерската средба, така што е јасно дека Заев сега се обидува да побегне од тоа – вели Стоилковски.
За Законот за Јавно обвинителство кој треба да се донесе до средината на септември потребно е двотретинско мнозинство. Според премиерот Заев, државата има капацитет да обезбеди двотретинско мнозинство, но неизвесно е дали во пакетот за поддршка на законот од страна на опозицијата ќе влезе и договорот за предвремени избори што ги бара Мицкоски.