Отсекогаш сум се залагал за компромисно решение на спорот меѓу Македонија и Грција. Како новинар, како колумнист и како уредник. Кон крајот на 2007 година и во текот на целата 2008 година, пред и после самитот на НАТО во Букурешт, напишав триесеттина и повеќе анализи, колумни и белешки, во кои јавно лобирав нашите политичари да го прифатат компромисното име за меѓународна употреба што тогаш го предложи посредникот Метју Нимиц, „Република Македонија (Скопје)“. Со исклучок на тогашниот претседател Бранко Црвенковски, кој задоцнето се приклони кон предлогот, ниту еден друг македонски политичар во таа 2008 година не беше спремен јавно да се изјасни во прилог на идејата спорот меѓу двете земји да се оконча со сложено меѓународно име на нашата земја, чија основа ќе биде именката „Македонија“, име за севкупна меѓународна употреба.
Конкретно, тоа беше мојот предлог, поради кој бев изложен на жестоки јавни атаци и поради кој сериозно ја доведов во прашање мојата новинарска кариера. Повторувам, ниту еден македонски политичар во она време и практично сѐ до почетокот на финалните преговори кои резултираа со Преспанскиот договор, не беше подготвен за таква отстапка. За Никола Груевски не сакам ни да зборувам. Тој беше неспремен за каков било компромис. Инаку, да немате дилеми, ако Груевски во 2012-2014 година прифатеше компромис, сѐ уште ќе беше на власт, а не знам дали сега ќе смеевме и под прозорец да му плукнеме.
Мојот дел од кабаетот
Кога Зоран Заев во 2014 година се зацврсти на кормилото на СДСМ, јавно го посоветував тој, како лидер на тогаш водечката опозициска партија, да се обврзе првата работа што ќе ја стори како иден премиер е да постигне компромис со Грците. На Заев никогаш не му се допаѓаше тоа што го советував јавно, во моите написи. Ми се налути и тогаш и лично ми порача дека ја поткопувам неговата позиција пред изборите. Сдсмовската пропаганда веднаш ја потфати таа теза и поведе хајка против мене. Како што се однесуваат пропагандистите на Заев сега кога се на власт, така се однесуваа и кога беа во опозиција.
Но, да се вратам на темата. Неспорно е и тоа дека отсекогаш сум се залагал новото компромисно име на нашата земја да биде само за севкупна меѓународна употреба, а не и за домашна употреба. Таа позиција, во текот на финалните преговори, пред потпишувањето на Преспанскиот договор, ја застапуваше и Заев. Се сеќавате, нели, тој јавно ветуваше дека името ќе биде само за меѓународна употреба и дека Уставот нема да се менува. И потоа се случи пресвртот. Заев се согласи на име за севкупна меѓународна и домашна употреба. Без тој пресврт, веројатно договор немаше да има.
Без оглед на причините поради кои Заев го прекрши јавно даденото ветување – значи, без оглед на неговите лични и партиски калкулации, кои секогаш ми биле небитни, бидејќи јас со нив немав и немам ништо – уште вечерта кога Преспанскиот договор беше објавен на англиски јазик (во „Катимерини“, ако не се лажам), јас јавно го поддржав, со објава на Фејсбук, а подоцна и во повеќе мои колумни. Без оглед што паламуди денес, Заев веројатно се сеќава дека уште истата вечер премиерот му се јави на суетниот новинар да му се заблагодари за поддршката.
Нејсе, поентата на ова сведоштво е да ви кажам дека јас де факто ја променив мојата лична позиција во врска со ова важно прашање, за што врз себе и де јуре го преземам мојот дел од кабаетот. Не сакам овде и јас да да паламудам и да ве мафтосувам – одлуката да го променам ставот ја донесов без никаков притисок од никого, без ничие очекување и без никаква калкулација, така што ако може да се конституира некаква вина поради тоа (историска, човечка), јас мојот дел од вината понизно го прифаќам.
Олеснителни околности
Се водев од својот политички инстинкт (иако не сум политичар, многу сериозно се занимавам со политика) и во своја одбрана имам да приложам само две битни олеснителни околности.
Можно е да се покаже дека првата олеснителна околност – очекувањето Преспанскиот договор силно да го забрза нашиот пат кон Европа – била моја лична заблуда. Сѐ уште се надевам дека нема така да излезе, но страхувам дека полека се исцрпуваат позитивните ефекти од чинот на склучувањето на договорот во Преспа врз перцепциите во европските метрополи за шансите на Македонија брзо да ги почне и ефикасно да ги води преговорите за членство во Европската унија. Некои други теми сега стануваат поважни.
Како и да е, втората олеснителна околност е многу побитна. Од неа не се откажувам лесно и барам да се есапи при пресудувањето. Имено, јас одамна тврдам дека клучниот пресврт во спорот за името меѓу Скопје и Атина се случи некаде во 2005 година, кога грчките политички лидери постигна меѓусебен компромис основата на новото композитно име на нашата земја да биде именката „Македонија“ (инаку нема шанси за договор) и грчката дипломатија да се фокусира на прашањето на опсегот на употребата на компромисното име. Како што и се случи. Во моите анализи во 2007-2008 година многу детално објаснував зошто таа нова грчка позиција, всушност, е исклучително поволна за нас, бидејќи ни овозможува трајно, иако на неекслузивна основа, да ги користиме нашето историско име и придавките изведени од нив за јазикот и за нацијата, кои се клучни за идентитетот.
Кога таа вечер го читав Преспанскиот договор на англиски јазик, надевајќи се дека е прецизно пренесен од грчките колеги, сфатив дека ниту една одредба од тој договор, без оглед што ја наметнува и домашната употреба на името „Република Северна Македонија“, сепак не ги загрозува историското име „Македонија“ и референците битни за нашиот национален идентитет. „Инсистирај на тоа дека договорот не го загрозува идентитетот“, му напиша или му кажа суетниот новинар таа вечер на премиерот Заев преку Вајбер. Како и таа вечер, и денес го мислам истото.
„Република Северна Македонија“ е нашето службено име
Она што тогаш не го очекував е дека Зоран Заев и неговата влада ќе одат чекор подлабоко од словото и од духот на Преспанскиот договор и од измените на Уставот, односно дека ќе се обидат новото име на нашата земја, освен за официјална употреба, да го наметнат и во секојдневието на луѓето, дури и во медиумите. Замислете, со едно скандалозно упатство на Министерството за надворешни работи, наспроти сите правила на синтаксата, медиумите практично се задолжуваат да го употребуваат скратеното име на нашата земја, кое да ти било „Северна Македонија“! Не очекував дека токму од владата на Заев ќе потекне оваа збрка што се прави денес, ова глупаво инсистирање новото официјално (службено) име на нашата земја да се користи во секојдневниот говор, та дури и во опишувањето на историските настани, што е спротивно на здраворазумската логика, или, народски кажано, што би рекол Заев – идиотизам по себе.
За да нема натамошни недоразбирања, мора да ги прецизираме нештата. Преговорите меѓу Скопје и Атина секогаш се воделе за официјалното, службено име на нашата земја. Државите, со меѓусебни договори и со домицилни правни акти, можат да го уредуваат само тоа прашање, но не можат да им наложат на новинарите, на уметниците и на обичните луѓе како ќе ја именуваат својата татковина во секојдневниот говор, во медиумите, во уметничките дела и во секојдневната неслужбена комуникација. Нема ниту една одредба во Преспанскиот договор која тоа го регулира. Нема ниту една одредба во нашиот Устав со такви обврски или ограничувања за граѓаните. Не може ни да има, бидејќи би била противуставна!
Јас, како и секој од вас, почитувани читатели, презедов големи и тешки лични обврски да го почитувам Преспанскиот договор. На мојот пасош веќе има печат со новото службено име на нашата земја. На табличката од мојот автомобил има ознака со кратенката на новото име на земјата. На сите мои лични документи во предвидениот рок ќе биде напишано новото име. И на сите лични документи на моите потомци, од кои само последниот е роден во земјата со новото службено име „Република Северна Македонија“. Ако некогаш во животот преземам било какво официјално својство поврзано со службеното име на нашата земја, или ако некаде бидам принуден да комуницирам со својата или со друга држава во службено својство (како државјанин), ќе мора да го изговорам или да го напишам службеното име на мојата земја.
Тоа се моите (нашите) не мали, туку екстремно големи лични обврски кон Преспанскиот договор и кон новото официјално име на нашата земја – всушност, истите обврски како и кон старите службени имиња. Јас сум роден во Социјалистичка Република Македонија и во СФРЈ, па соодветно на тоа бев третиран и во правниот промет на таа држава. Но, со тоа се исцрпуваше мојата обврска кон службеното име на мојата тогашна држава. Никој не ме тераше да кажувам дека сум од СРМ. Уште помалку од СФРЈ. Или подоцна од РМ. Или од ПЈРМ. Освен во службено својство (при пополнување службени документи, на пример), никој не ми кажуваше како да го напишам или да го изговорам името на мојата земја, поинаку од неговото логично, синтаксичко скратување, во именката која е носител на сложената фраза – именката „Македонија“. Тоа важеше и за мене јабанџијата, ама и за политичарите. Зошто сега би било поинаку?
Папагалско, или, народски кажано, идиотско повторување
Неодамна, во една колумна, објаснив како, според синтаксата, се скратуваат именските групи (фразите) и зошто именката „Македонија“ е носител на именската група „Република Северна Македонија“. Ама апсолутно ништо не ми значи тоа што двете преговарачки страни се договориле скратеното име на нашата земја да биде „Северна Македонија“. Повторувам, сѐ што тие договориле може да се однесува само на службеното име, но не и на неслужбеното именување на нашата земја. Во таа колумна и на политичарите и на официјалните лица им укажав дека дури и за нив употребата само на именката која е центар на фразата – зборот „Македонија“, значи – не е спротивна на Преспанскиот договор и е сосема логична, имено поради нужноста да се употребуваат синоними, заради избегнување на ова комично, папагалско, народски кажано идиотско повторување на „Република Северна Македонија“ во секоја втора реченица и во секоја можна прилика.
Да заклучам. Употребата на името „Македонија“ не е забранета со Преспанскиот договор, со Уставот и со било кој друг правен акт. Ниту е, ниту смее да биде. Ние, Македонците, хронично патиме од недостиг на самопочит и од ропски менталитет. Кога странците не чувствуваат потреба да нѐ караат што велиме „Македонија“ наместо „Северна Македонија“, ние самите го правиме тоа. Самите се караме. Се срамиме да си го кажеме нашето историско име, се срамиме од тој чин на примарен патриотизам. Е тоа, почитувани читатели, признавам, јас го превидов кога заговарав компромисно име на нашата земја. Не очекував дека ќе бидеме вакви сервилни идиоти и дека пак ќе се соочиме со тој наш трагичен недостиг на љубов кон себе и кон татковината.
И затоа, уште еднаш – повторно најпатетично што можам! – јавно и гласно ќе ве повикам, Македонци мои, да си бидете патриоти, да не се срамите и да не се плашите да ја покажете својата љубов кон татковината, да се потрудите да им ја всадите и на вашите потомци. Оти, кој не се сака себеси, не може да ги сака другите. Кој не ја сака својата татковина, не може да сака туѓа. Кој не умее брата си да го сака, тој не заслужува цел свет братски да му е, како што пееше Рацин.
Овој пат, на Денот на македонската независност, ја пропуштивме шансата да покажеме како треба. Се збркавме, се изрезиливме, се испокаравме. Да не ја пропуштиме следната прилика – 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.