Делегации од здружението на борци, градоначалникот, советот, од АРМ, МВР, претставници од јавни установи, институции, политички партии, здруженија на граѓани, кумановци положија свежо цвеќе пред споменикот Жена Борец, по повод Денот на независноста, 8 Септември.
Во пригодниот говор, градоначачникот на општина Куманово, Максим Димитриевски се осврна на историските моменти поврзани со создавањето на државата, клучните одлуки донесени во различните датуми од минатото до денес, кои го потврдуваат идентитетот и суверенитетот.
– Денес додека стоиме тука на овој 8 Септември треба да знаеме дека ни следи период на промени. Ни претстои процес на искажување и докажување на нашите државнички, културни, цивилизациски и политички вредности, период кога уште многу пати ќе испратиме тивка, но многу моќна порака дека државата си го зема своето место во големото европско семејство и се создава свој пат кон иднината – рече Димитриевски.
Честитајќи им го празникот на присутните упати порака од мултиетничко Куманово дека треба да се обединиме под иста визија за иднината на земјата во европското семејство.