Сега е време кога треба да покажеме и докажеме со дела и работа колкава е љубовта кон нашата татковина. Време е сите да покажеме дека сакаме да живееме во просперитетна и демократска Република Македонија, се вели во честитката на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на независноста.
„Овие турбулентни времиња, кога се оспорува македонскиот идентитет, јазик и историјата, докажуваат дека борбата за Македонија никогаш не завршува. Секоја генерација има своја битка и свои победи кои треба да ги извојува. На оваа генерација и беше наметната промена на името на државата и покрај тоа што власта не доби поддршка на референдум. Оваа генерација гледа како се гребат шахти и се преименуваат улици и објекти. Оваа генерација се соочува со обидот да се брише и заборави дел од историјата. Се најавува ревизија на учебниците и промена на обележјата. Наместо да се чува идентитетот, името, јазикот, културата и историјата, власта тргува со се што е свето. Македонија е економски опустошена земја, во која владее криминалот, а не правото. Македонија е земја од која што младите масовно заминуваат, а не основаат семејства“, пишува во честитката на ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на независноста.