САД не ја прифаќаат понудата на рускиот претседател Владимир Путин да купат најново руско оружје како суперсонични ракети затоа што се технолошко понапредни во оваа област, изјави синоќа неименуван претставник во Администрацијата на Вашингтон.
– САД имаат голема релативна предност во однос на Русија во областа на развојот и безбедната разработката, тестирање и примена на оваа ракетна технологија – изјави тој.
Откако САД и Русија го напуштија договорот за ракети со мал и среден дострел, Москва тврди дека развива оружје со дострел од 500 до пет илјади километри, вклучувајќи и суперсонични ракети на нуклеарен погон, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Путин завчера на средба во Владивосток изјави дека испратил предлог до американскиот претседател Доналд Трамп да купи руско оружје, вклучувајќи и суперсонични ракети.
Претходно, советникот за национална безбедност на Трамп, Џон Болтон, ја обвини Русија за кражба на најнови ракетни технологии од САД, а раководителот на Пентагон, Марк Еспер, потврди дека САД наскоро ќе претстават свое суперсонично оружје.
ФОТО: EPA / ALEXEY NIKOLSKIY /SPUTNIK / KREM