Познатиот еколошки активист Дејвид Букел се самоубил вчера во Њујорк, со самозапалување, информираше њујоршката полиција.
Букел (60), кој се борел против користењето фосилни горива и за права на хомосексуалците, оставил проштална порака и испратил електронска порака до весникот „Њујорк Тајмс“ пред да се полие со течност и запали во паркот Бруклин Проспект.
„Загадувањето ја уништува нашата планета и шири отрови преку воздухот, почвата, водата и климата. Најголем дел од жителите на планетата дишат воздух кој не е здрав поради присуството на фосилните горива, а многумина умираат прерано поради тоа. Мојата прерана смрт од фосилни горива нека биде потсетник на тоа што си го правиме самите на себе“, пишува во пораката до весникот.