Џафери: Имаме визија каде сакаме да ја видиме земјата

160

Во овие 28 години самостојност, сите кои беа дел од донесувањето, спроведувањето и живеењето со донесените одлуки од овој или оној политички чинител, работеа многу на внатрешен, меѓутоа и на надворешен план за денес Република Северна Македонија да биде држава на рамноправни граѓани, држава во која се почитуваат како индивидуалните, така и колективните човекови права, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери на денешниот прием, по повод одбележувањето на Денот на независноста на земјата – 8-ми септември.

Џафери нагласи дека 8-ми Септември е исклучително значаен историски ден, бидејќи неговите колеги од тогашниот пратенички состав, токму во законодавниот дом, пред дваесет и осум години ја ставиле на хартија и во живот одлуката на граѓаните од спроведениот референдум, кога, како што рече, вековниот сон, вековната желба за слободна, независна, суверена држава се оствари бидејќи граѓаните се определија за таква самостојна, суверена држава чии основни постулати за развивање на граѓанско општество беа вградени и во највисокиот законодавен акт – во Уставот на државата.

– Многу води протекле од тој ден, многу убави меѓутоа и не толку убави настани. Растевме, ги прележувавме детските болести, некои побрзо, а некои се уште траат, но по пат учевме и извлекувавме поуки, како и секое новороденче, нели? Дали сме сега доволно зрели, доволно мудри и напредни не сакам да констатирам, меѓутоа едно знам, времето ќе покаже. Времето е најдобар индикатор за тоа колку сме биле, сме или мислиме да бидеме внимателни со тоа што го имаме. Дали ќе знаеме да го негуваме за да расте, се развива и биде пример кон кој ќе го впери прстот регионот и светот и дали тоа ќе биде за добро или за лошо, потенцираше претседателот на Собранието.

Тој посочи дека Собранието е вистински показател за тоа, како што рече, колку сме созреале, колку сме научиле да се слушаме меѓу себе, да се почитуваме, да имаме разбирање за различното мислење и да имаме слух за конструктивните и добронамерните предлози.

– Јас сум убеден дека и покрај големите предизвици низ кои поминавме, имаме сила, имаме волја, решителност и визија за тоа каде сакаме да ја видиме Република Северна Македонија и каков дом посакуваме да градиме за нашите почитувани граѓани и денеска сме многу блиску до остварување на нашите стратешки определби – полноправно членство во Европската Унија и НАТО – наведе Џафери.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...