Анѓушев: Економскиот раст над предвидувањата, економијата запловува во помирни води

320

Растот на економијата во првите два кварталa просечно е над предвидувањата. Очекувањата за третиот и четвртиот се дека бројките ќе бидат подобри и поохрабрувачки, а крајот на годината да се заврши и со повеќе од просечното во првите два од 3,6 отсто.

Ова го истакна вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната прес конференција коментирајќи ги економските достигнувања објавени од Државниот завод за статистика.

За него е важно дека бројките се произлезени од реалната економија и дека растот го прави економијата без голема поддршка од државата.

– Статистичките и економските брoјки сега прават логична целина. Важно е што целиот овој раст го прави реалната економија. Го прави економијата без голема поддршка од тоа државата да интервенира во тој дел и тоа е она што на долг рок е издржано и одржливо. Очекуваме да биде препознаено, она што ние како Влада го препознаваме, а тоа е дека нашата држава запловува во едни помирни економски води што ќе имаат прогресивен раст врз база на реалната економија, односно реален раст на економијата – потенцира вицепремиерот.

Оцени дека растот на БДП од 3,1 отсто во вториот квартал практично очекуван и дека и понатаму ќе биде така.

– Растот на БДП заедно со првиот квартал од 4,1 отсто е просечно над 3,6 проценти што е над  предвидувањата и во Буџетот, што на почетокот беше детерминиран на 3,2 отсто, а потоа е корегиран со ребалансот на 3,5 отсто и очекуваме дека тоа така ќе биде и понатаму. Очекуваме во третиот квартал бројките да бидат подобри и поохрабрувачки и на крајот на годината да се заврши и со повеќе од овие досега просечни 3,6 проценти – рече Анѓушев.

Според него, тоа е добрата инфромација, наведувајќи дека во 2017 година ја наследиле состојбата со пад на БДП и оти континуирано, како што рече, се зголемува и очекува овој тренд да продожи понатаму.

Истакна дека радува и тоа што бруто инвестициите во вториот квартал од 2019 година во споредба со 2018 година се пораснати за 11,1 отсто.

Потенцира дека е важно и што има раст кај оние сектори кај кои претходно имаше пад.

– Градежништвото бележи раст од 2,8 отсто, земјоделството 3,9 отсто, трговијата 7,5 отсто и многу е важно дека растот на нето платата во последните две години е ефективни 10 проценти и тоа влијае во јавната потрошувачка што го гледаме и во статистичките бројки – рече вицепремиерот.

За објавените податоци за пад на невработеноста на 17,5 отсто, Анѓушев потсети дека таа во вториот квартал од 2018 година била 22,6 отсто и оти во апсолутни бројки тоа значи дека во период од две години се вработени 54.391 лице, а само во вториот квартал годинава 4.869.

Според вицепремиерот, охрабрувачки се податоците и за индустриското  производство кое ако се земе предвид седми месец годинава со седми месец лани има раст од 5,8 отсто, а кумулативно за првите седум месеци годинава во однос на седумте месеци лани раст од 4,9 отсто.

– Значи и понатаму главните генератори за растот на еконоијата се индустријата, градежништвото, земјоделството, и како резултат на овие гранки и трговијата – рече Анѓушев и додаде дека јасно е оти стандардот се зголемува со оглед на покачувањето на нето платите за 10 проценти ефективни во две години со што се зголемува јавната потрошувачка, а најважно од се бруто инвестициите.

Одговорајќи на новинарско прашање рече дека растот е без поддршка од држата и дека е важно оти државата преку мерки за поддршка на врабоувањата и преку Законот за финансиска поддршка практично не влијае на друг начин врз растот на БДП.

– Затоа кажуваме дека ова е без интервенционизам на државата зашто ние не измислуваме виртуелни проекти што на долг рок ќе креираат проблеми и ќе прават задолжување на државата за да направиме виртуелни градежни работи што ќе направат некаков економски бум. Овој раст на градежништвото е раст на градежништвото реално од инфраструктурни проекти и од реалото приватно градежништво – истакна Анѓушев.

Тој додаде дека најголем проблем на стопанството е задржување на вработените и дека тоа е момент кога треба да интервенира државата.

– Да помогнеме на стопанството како да ги задржат вработените и тие да препознаат дека можат пристојно да живеат во нашата држава. Економија има, но економија без луѓе нема и тоа е моментот кога треба да се интервенира во тој дел, а што е и барање на стопанството – рече вицепремиерот.

Како што истакна во одговор на прашање, не очекува дека од рецесијата во Германија ќе има сериозен импакт кај нас.

– Од анкетите што се направени кај компаниите нема намалени, туку напротив имаат зголемени нарачки. Веројатно структурата на нашите извозници е таква што засега не го трпат тој импакт од рецесијата во Германија. Но, ќе ги пратиме тие меѓународни процеси. Од тоа што го гледаме сега нема да има сериозен импалкт – рече вицепремиерот за економски прашања.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...