Средното училиште на Град Скопје „Цветан Димов“ од денеска има нова, енергетски ефикасна фасада со променет, модерен изглед во специфичен визуелен и естетски стил. Фасадата е изработена од алуминиумски композитни панели во боја и соодветна подлога во согласност со најсовремените светски стандарди за противпожарна заштита, енергетска ефикасност и подобрена термичка и звучна изолација.
– Ова е таа визија што ние како град ја имаме за тоа како всушност треба да изгледаат училиштата, местата каде што нашите деца се стекнуваат со образование. Парите на граѓаните ги трошиме за вистинските приоритети, за највисоките технолошки достигнувања што ги има на пазарот, наместо за стиропорите кои порано беа карактеристика на трошењето на градските пари. Овој зафат чинеше околу 34 милиони денари – рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
Тој додаде дека во завршна фаза е и реконструкцијата на фасадата на средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“.