Лекарот од Тетово, кој бил тешко претепан од пациент, во бесвесна состојба итно е пренесен во Скопје, бидејќи во тетовската болница не работел апаратот за компјутерска томографија. Ова снимање е направено на скопските клиники.
– Колегата не беше свесен кога го прегледував, а бидејќи не работеше апаратот во Тетово, мораше итно да биде пренесен во Скопје, каде е задржан на Неврохирургија. Имаше тешки повреди – рече д-р Сулејман Ордаи, неврохирург во тетовската Клиничка болница.
Тетовската полиција го потврди инцидентот, во кој насилникот утрово дури двапати се враќал да го удира лекарот – дерматовенеролог.
Обновено
Од Универзитетската Клиника за неврохирургија велат дека само што го примиле колегата од Тетово на одделот.
– Ја чекаме снимката од компјутерската томографија, по што ќе решиме дали и што ќе преземеме во лекувањето. Пациентот сега е во свесна, стабилна состојба и прима симптоматска терапија. Ги следиме сите витални параметри, ни изјави д-р Владимир Рендевски, в.д. директор на Клиниката.