Сведоци сме на еден премиер и на еден начин на водење на државата кој нема ништо „бритиш“ во себе. Воопшто не е „бритиш“, премиер од високата класа да развие демагогија и популистички дискурс, пишува Ивор Мицковски во колумна за Дојче веле.

Колумната на Мицковски ја пренесуваме во целост:

„Препотетноста е смртта на автократите.

Има некое чудно ветренце во ова доцна лето кое ни кажува една работа, а тоа е дека и препотентните понекогаш губат, односно знаат да се изгубат. Енергичниот британски премиер кој требаше да биде позитивниот премиер против касандрите кои протестираат, тој што требаше да ги прегази сите, почнувајќи од „марксистот“ Корбин, па сѐ до своите бунтовнички ториевци, се најде понижен, прегазен, асфалтиран по трите порази во само два дена.

Британскиот парламент во вторникот го усвои дневниот ред на Долниот дом, во средата го изгласа законот против Брегзит без договор и на крајот го одби и барањето на Борис Џонсон за нови избори. Едно е јасно – премиерот веќе нема мнозинство во Долниот дом, има бунт во партијата и опозиција која ја презеде законодавната агенда во Долниот дом.

Прашањето на Брегзитот дури го подели и семејството Џонсон. Помалиот брат на Борис, Џо Џонсон си поднесе оставка од позицијата вицеминистер и ја напушти парламентарната група на ториевците во Долниот дом. Помеѓу семејството и националниот интерес, помеѓу братот, партијата и државата, Џонсон помалиот ја одбра државата.

Со други зборови Борис Џонсон мораше мизерно да се предаде пред две очигледности. Првата, дека Велика Британија и понатаму е парламентарна демократија, и тоа доста резилиентна ако се земе предвид дека нејзиниот шизофрен Устав, вековните конвенции, слабите тежи и контратежи, му дозволуваат на еден „силен човек“ да ги злоупотребува или форсира законите. Втората очигледност е дека Долниот дом беше и остана стоички против Брегзит без договор.

Борис може уште еднаш да побара избори, нешто што најверојатно ќе го направи веќе наредната недела, но опозицијата тоа може да го одложи за понатаму, барем до ноември месец. За избори е потребно двотретинско мнозинство и лабуристите не паѓаат во таа стапица: „Да се прифати понудата за избори сега наликува на понудата на јаболкото за Снежана од страна на лошата кралица“, ќе му одговори Корбин на Џонсон.

На премиерот рацете му се опасно врзани од страна на Вестминстер, Европа нема намера да му попушти по ниедна цена затоа што барањата на Џонсон се неприфатливи, и воедно, тука е и проблемот Фараж кој со своите 15 проценти рејтинг според анкетите, доколку сака може да го блокира и условува премиерот, притоа приморувајќи ги конзервативците кон уште порадикални и ултра евроскептични позиции.

Заробен во истиот лавиринт како и Тереза Меј

Џонсон од самиот старт ги стави сите карти на нужноста Британија да излезе од ЕУ до 31 октомври, и пред сѐ, тоа да го направи без договор. Тоа беше неговата сила на почетокот благодарение на фактот што голем дел од земјата е преморена од Брегзитот. Сега тоа му се враќа како бумеранг и како казна, особено ако Парламентот го примора повторно да преговара со ЕУ. Силниот, енергичен премиер се најде заробен во истиот лавиринт како и Тереза Меј. Му останува уште една деструктивна можност, сѐ да фрли низ вода, и тогаш навистина не знаеме какво Обединето Кралство ќе добиеме. Односно, како и со затварањето на Парламентот, Џонсон може повторно да ја исфорсира ситуацијата презентирајќи пред Долниот дом закон од само една реченица со цел распишување на нови избори. Нешто што други не би го направиле, но што не е невозможно, ниту пак забрането, имајќи предвид дека Обединетото Кралство нема пишан Устав.

Во секој случај сведоци сме на еден премиер и на еден начин на водење на државата кој нема ништо „бритиш“ во себе. Самиот референдум за Брегзитот беше работа која излегува од матрицата на британската консолидирана демократија. Како што воопшто не е „бритиш“, премиер од високата класа да развие демагогија и популистички дискурс, каде ќе се претставува како лидер на масите, трибун на плебсот, човек од народот, кој се бори против политичарите и големата моќ.

Централната идеја на парламентарната демократија е дека таа е индиректна, нешто за што Велика Британија била можеби и најиздржливот и најсилен застапник. Идејата дека државата ја претставува „народната волја“, е концепт кој потекнува од јакобинска Франција, нешто што Британија отсекогаш го отфрлала. Во парламентарна демократија поимот „народ“ не постои, како што не постои „народна волја“, или гласот на народот. Политичарите се избрани за да претставуваат различни интереси, кои потоа можат да бидат предмет на дискусија во Парламентот, во надеж дека ќе се дојде до решенија преку компромиси. Поинаку кажано, фанатичното евоцирање на народната волја, изразена притоа преку еден необврзувачки референдум, ги стави конзервативците во позиција да се претворат во бранители на една политичка традиција која сериозно е во конфликт со британскиот парламентарен систем.

Победи парламентарната демократија

Ако треба целата проблематика околу Британија, Брегзитот и Борис да ја кондензираме во еден заклучок, тогаш тоа би било дека оваа недела победи парламентарната демократија. Победи како систем пред интересите на партиите и пред интересите на новите автократи. Апсурдот со Брегзитот и успешноста на парламентарниот систем, барем оној британскиот, каде постојат луѓе со р’бет кои работат застапувајќи ги националните интереси, е што дури и самите партии на еден начин станаа обсолетни, барем во услови кога не се распишуваат избори. Со други зборови, британскиот парламент покажа толкава резилиентност, што денес двете главни партии би можеле слободно да се распуштат, и сепак да се создадат сосема нови изборни сили врз основ на тоа како актуелните пратеници би се позиционирале во однос на клучните национални прашања.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.