Собранието, а не Советот на обвинители треба да решава за барањето за оставка што вчера попладнето наводно го поднела осомничената обвинителка Катица Јанева која е во притвор во истражниот затвор во Шуто Оризари.
Откако оставката ќе биде потврдена на седница на законодавниот дом, Собранието треба предлогот да го достави до обвинителите кои ќе ја потврдат одлуката. Тоа, како што објаснува Ацо Колевски, претседател на Советот на обвинители за Плусинфо е пропишано во член 17 во Законот за СЈО и во случај на барање за оставка на специјален обвинител треба да се постапи како и со разрешувањето.
– Дописот од Јанева се уште не е стасан до Советот на обвинители. Ние ќе го разгледаме штом ќе ни биде доставен, но одлуката треба да ја донесе Собранието, а потоа Советот на обвинители да ја потврди – вели претседателот на Советот на обвинители Ацо Колевски.
Собранието, вели Законот за СЈО, предлогот треба да го утврди по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број пратеници со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство, и ќе го поднесе до Советот.
Јанева, како што објавија медиумите, наводно вчера доставила писмо од затворот за активирање на поднесената оставка од 15 јули.