Потпретседателот на ВМРО- ДПМНЕ Александар Николовски се пожали дека вчера добил писмо од премиерот Зоран Заев во кое, како што вели му се заканува со тужба за клевета за изјава која тој ја дал за аферата „Рекет“.
– Заев од позиција на премиер, најмоќен човек во државата решава да се заканува со тужби. Сметаме дека ова е класичен обид за притисок и за замолчување на опозицијата. Ние сме политичари и наша работа е да даваме изјави, да прашуваме и да поставуваме провокации. Во која демократска држава, земја членка на ЕУ, која што Зоран Заев од устата не ја вади се видело премиер да тужи потпретседател на најголема опозициска партија за политичка изјава – рече Николовски.
Тој додаде дека за „Рекет“ има активна истрага и оти нему му е работа како политичар и како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ јавно да поставувам прашања, дилеми и да споделува информации.
– Кој верува во оваа држава дека Боки 13 сам рекетирал и дека бизнисмените сами му ги давале парите? Па денар нема да му дадат, а не тешки милиони доколку позади него не стојат највисоките структури на власта. Она што е интересно во писмото, Заев воопшто не демантира дека се изрекетирани преку 20 милиони евра. Ниту демантира дека повеќе бизнисмени се изрекетирани со што само ги потврдува нашите сознанија. Дека рекетот бил далеку подлабоко од она што се знае во јавноста. Единственото што го спори е дека тој ја координирал оваа акција. За таа работа ќе се видиме и со Зоран на суд и исто како во тужбата со брат му Вице јас планирам сам да се бранам, да не ангажирам адвокати, слободно може тој да си ангажира најскапите адвокати во државава. Па ќе видиме на чија страна ќе е вистината – рече Николовски.
Тој информира дека за овој притисок на власта врз опозицијата утре со писма ќе ги информира сите дипломати во државава. А, во понеделник и вторник на средби во Брисел ќе ги информира Европскиот Парламент и Европската Комисија.