Екипите на Град Скопје ја завршија првата фаза од реконструкцијата на коловозот на улицата Индира Ганди, во општината Шуто Оризари. По вчерашното 24-часовно целосно затворање, улицата од денеска е проодна за сообраќај, со нов асфалт и обележана хоризонтална сигнализација.
Улицата Индира Ганди е обновена на должина од 1.100 метри, на потегот од раскрсницата со улицата Босна и Херцеговина и булеварот Словенија до улицата Бутелски венец. Во текот на изминатиов месец на оваа сообраќајница беше отстранет стариот и оштетен асфалт и беше нанесен нов асфалтен слој. Во тек е уредувањето на пешачките патеки.
Целта на овој градежен зафат е да се овозможи непречено одвивање на сообраќајот во овој дел од градот и да се зголеми безбедноста.
Градот Скопје ја продолжува праксата реконструкциите на сите улици оваа градежна сезона да ги завршува со рекордно кратки рокови за да се олесни одвивањето на сообраќајот, без да се создава метеж.