Кирацовски: Камчев, Кичеец, Катица немаат врска со мене, ниту ги знам, ниту сакам да ги запознам

Аферата „Рекет“ најверојатно го пропадна проектот за старски домови, рече Кирацовски.

876

Ја извршив својата граѓанска должност и ги споделив сите информации за одредени настани за кои јас располагам. Се надевам дека од денес ќе завршат лажните вести, инсинуациите, манипулациите коишто реално нанесоа штета на самата истрага, претпоставувам, и на недолжни луѓе. Се надевам дека од денеска ќе преовладуваат само фактите, аргументите и вистината, рече пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски по распитот во Обвинителството за случајот „Рекет“.

– Не можете предолго да ги криете ни сонцето, ни месечината, ни вистината. Верувам дека процесот ќе биде транспарентен и реален и тие што се огрешиле од законот ќе одговараат – изјави Кирацовски.

Тој негира дека посредувал за барање локации за Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13 за изградба на старечки домови.

– Апсолутно не, апслоутно сум недолжен. Ние сме чесни луѓе со кредибилитет, со интегритет, и во ниту еден момент нема да си дозволиме да се доведеме во ситуација на која вие алудирате. Не сум посредувал, ниту сум имал право да посредувам, ниту да се мешам во работата на Меѓународниот сојуз, каде не сум ни член. Како пратеник од Битола од интерес ми е да се случуваат добри нешта во Општината, но за жал така не излезе. Аферата „Рекет“ најверојатно го пропадна проектот за старски домови – рече Кирацовски.

Пратеникот негира дека присуствувал на средби на кои Боки 13 правел договори со бизнисмени.

На прашањето дали знаел дека Боки 13 вршел рекет врз бизнисмените, Кирацовски негираше. Тој рече дека со Боки 13 се фотографирал само еднаш и тоа на барање на Јовановски. Според него, не е злодело ако некој се сликал со Боки 13.

По денешниот распит во Обвинителството, Кирацовски смета дека помогнал во истрагата за „Рекет“.

– Мислам дека помогнав истрагата на некој начин да заземе правилен тек. Бев повикан за еден мал сегмент. Ова за Камчев, Кичеец, Катица нема никаква врска со мене. Тоа не се дискутираше денес. Ниту ги знам, ниту ги познавам, ниту сакам да ги запознам. Мислам дека ќе имаме позитивен исход и како држава и како граѓани. Овој случај нанесе голема штета и врз државата и врз политичарите кои биле присутни, но не знаеле што се случува. Тоа е наша слабост што не сме знаеле – рече пратеникот.

На прашање дали се препознал под псевдонимот Кики, Кирацовски одговори:

– Јас не се препознавам под тој псевдоним. Нека ми прости новинарот Героски што ќе го спомнам. Јас имав средба со Героски, сакав лично да проверам дали ме препознава мене и нека ми прости Героски, ми призна лично дека во однос на мене направил фаул. Буквално така се изрази.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...