Мисовски: Да не дозволиме поради политички маркетинг да ја компромитираме истрагата за „Рекет“

706

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, член на собраниската комисија за избори и именувања на која денеска треба да се разгледува извештајот за разрешувањето на Катица Јанева, осомничената обвинителка во аферата „Рекет“  очекува пратениците да постапат според Законот за класифицирани информации и да го испочитуваат барањето на Советот на обвинители кој не дозволува да му се симне тајноста на документот за Јанева затоа што истрагата за нејзината вмешаност во рекетот врз бизнисмени сѐ уште трае.

– Во случајов не станува збор за став или за нечија желба како да се постапи, има закон кој е јасен и прецизен, а ние мора да го почитуваме. Не треба да дозволиме поради политички маркетинг да го прекршуваме Законот за класифицирани информации. Собранието и претходно работело зад заторени врати, кога тоа било побарано од пратениците, затворена беше седницата и кога расправавме за Договорот со Бугарија. Не верувам дека пратеникот Илија Димовски со неговото барање за декласификација на извештајот свесно сака да ја компромитира истрагата – вели Мисовски, кој има безбедносен сертификат со кој му е дозволена достапност до класифицирани докумени до степен на државна тајна така што тој ќе може да го разгледа извештајот од Советот на обвинители и да одлучува за разрешувањето на Јанева.

По отворање на седницата која е закажана напладне ќе се знае дали сите членови на Комисијата за избори и именувања имаат безбедносен сертификат и дали таа ќе биде затворена за јавноста како што препорача Советот на обвинители кој вчера го одби барањето на Димовски за декласификација на извештајот за рекетот на Јанева.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...