Безбедносната состојба во земјава е стабилна. Нема никакви индикатори ниту внатре во нашите граници, ниту надвор од границите во блискиот и поширокиот регион дека таа би можела битно суштински да се влоши до ниво да го загрози интегритетот и суверенитетот на Република Северна Македонија.
Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски вечерва на прес-конференцијата по завршувањето на првата конститутивна седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, на која претставници од надлежните служби и надлежните министерства реферирале за безбедносната состојба во земјата и во регионот со импакт на внатрешната безбеносна динамика.
– Заклучок беше дека Република Северна Македонија во наредните 40 до 50 дена влегува во еден период кој може да биде турбулентен и од политички и од безбедносен аспект, затоа што во наредниот период очекуваме завршување на неколку битни ратификации во однос на нашето НАТО членство и во средината на следниот месец очекуваме одлука на Европскиот Совет за отворање на пристапните преговори со Европската Унија – рече Пендаровски.
Шефот на државата рече дека на седницата договориле динамика на следните средби кои, како што додаде, ќе се случуваат на секои два до три месеци.
– Живееме во таков временски период и улогата на Советот е така уставно поставена, што е значајно да има редовна размена на информации и координација на највисоките полтички органи во оваа земја за тоа што се случува и што би можело да се случува – рече Пендаровски.
Во овој контекс, како што посочи тој, битно е да се напомене дека Советот за безбедност на претседателот на државата добива и нагласена улога и значење со новиот закон, кој неодамна беше усвоен и стапи на сила, за координација на разузнавачко – безбедносната заедница.
На седницата, иако бил поканет не присуствувал лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. До овој момент, како што изјави претседателот Пендаровски, иако уредно, писмено поканет, нема одговор зошто лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на седницата на Советот за безбедност.
– Сметам дека претставниците на опозицијата, особено на најголемите, најрелеватните опозициски партии мораат да присуствуваат по покана од претседателот на состаноците на Советот за безбедност, затоа што Советот не е приватна институција на Претседателот и на седниците не се дискутира за приватни и партиски работи. Темата на денешната седница не е работа само на владината коалиција, туку е од суштинско значење за безбедноста на државата. Темата на денешната седница беше безбедносната состојба внатре во нашата земја, Република Северна Македонија и во регионот. Така што моја задача беше да ги поканам сите оние кои мораат да бидат информирани за тоа што се случува на тој план, без разлика кој е на власт а кој во опозиција, изјави претседателот Пендаровски.
Република Северна Македонија, рече претседателот Пендаровски, е на чекор до полноправно членство во НАТО и до добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ. Работите за влезот во НАТО се движат во добра насока и со добро темпо, но треба внимателно да се следи состојбата.
Одговарајќи на новинарски прашања, претседателот Пендаровски се осврна и на случувањата во регионот, при што посочи дека од влијателни меѓународни фактори пристигнуваат информации за можно заживување на дијалогот Белград-Приштина што може да влијае на состојбите на Западен Балкан. Република Северна Македонија граничи со двете држави и затоа, нагласи претседателот, треба да бидеме подготвени за сите варијанти кои евентуално може да се случат во рамките на преговорите. Тоа, подразбира ние да ја објаснуваме нашата позиција и кое решение би било најпозитивно за нас како држава.
Националниот Совет за национална безбедност го сочинуваат девет члена. Покрај шефот на државата, по функција членови се и претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за надворешни работи Никола Димитров и за одбрана Радмила Шекеринска.
На предлог на претседателот Пендаровски, дел од ова советодавно тело се и професорото и прв министер за одбрана Трајан Гоцевски, професорот на УЈИЕ Ветон Љатифи и професорот од Правниот факултет при УКИМ Ненад Марковиќ.
Советот разгледува прашања во врска со безбедноста и одбраната на државата и дава предлози до претседателот, Собранието и Владата. Советот го раководи шефот на државата.