Чепреганов: Не може да се игра покер со историски настани или личности

530

Историјата да им се остави на историчарите. Политиката да не се меша во историјата, тоа е нашиот став од почетокот на осамостојувањето на државата. Пред се историјата на еден народ ја пишува тој народ врз основа на својата колективна меморија, порача историчарот д-р Тодор Чепреганов, кој денеска учествуваше на трибината „Раздавање, распродавање или крадење на македонската историја?“ Пиши-бриши брусалка историја и дали добрососедството подразбира и негорање на сопствената историја?, во организација на Институтот СИА ВИСТА и Македонски манифест.

– Поминував и една Англичанка прашува што е тоа потцртано на шахтата, а водачот и објаснува дека тоа поради договорот со Грција и треба да се шмирглаат сите со Сонцето од Вергина. А таа вели, О Господе зарем е ова можно – го почна Чепреганов своето обраќање на тема „Илинденско или илинденско-преображенско востание?“.

Прашан за формираните мешовити комисии кои дискутираат по историски прашања на нашата држава,   Бугарија и Грција, смета дека политички создадените комисии ги користат историчарите како грб за да ги реализираат своите работи под наводници за добрососедство и пријателство.

– Не можете вие со комисии да играте покер на маса со историски настани и личности и да наддавате кои ќе ни бидат заеднички или не – нагласи Чепреганов.

Информирајќи дека немаат контакт со членовите на комисиите, а во однос на рокот до октомври кога треба да се даде одговор за Гоце Делчев, д-р Чепреганов дециден дека постојано има политизирање на историјата, а штом имате политизирање на историјата, нагласува, вие немате историја.

Дали воопшто имаат комуникација со колегите од Бугарија околу овие прашања и дали и тие го делат овој став, беше прашан од новинарите, на што тој посочи дека дискутираат на научни собири и немаат никакви проблеми, но и да имаме, рече, ги решаваме врз база на научна основа, а не на политика.

Низок степен на политичка култура, оценува д-р Наташа Котлар – Трајкова, која говореше за „Македонско национално движење во XIX век: особености и процеси. Историјата, подвлече, е таа што има должност да осознава, да открива и да дава насоки, а политиката тоа да го спроведува во дејност. Кај нас, истакна, обратно се поставени нештата и нема што да разговараме.

Таа им порача на нејзините колеги-членови на мешовитите комисии да се осврнат кон научната димензија на историјата како наука, за да можат да го продолжат и својот развој како научници во иднина.

– Инаку, тоа ќе биде политички договорена работа и претпоставувам дека таа ќе важи само за нив, но не и за целиот еснаф на историчари. Ние како научници и историчари немаме должност да се договараме, имаме должност кон научната и општествената легитимност на историјата како дисциплина – кажа Котлар – Трајкова.

Додаде дека прашањата за кои се дискутира во комисиите се од различни периоди и специјалности, но тие не се консултираат со историчарите од Институт во кој има соодветни подрачја и дејности, каде има специјалисти кои можат да одговорат на соодветни прашања.

– Ниту еден од нив не е специјалист за Бугарската или пак за  грчката историја. Треба компаративно да следите – рече Котлар – Трајкова.

На трибината меѓу другите говореше и Ефтин Клетников на тема „Историјата како култура и варварство:Европскиот идентитетски геноциод над Македонија“ и Дардан Венетски „Раздавање, распродавање или крадење на историја?“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...