Трајче Пендаровски: Не ни знаев да ја изговорам болеста од која се разболев, но по две трансплантации, живеам и бијам битка со миеломот

Ни на крај на памет не ми беше дека, прегледувајќи го 'рбетот ќе ми биде откриена една од најтешките болести на крвта, миеломот. Но кога по снимката на 'рбетниот столб, направив и крвна слика, а сите вредности беа двојно намалени, што веднаш им алармираше на лекарите дека станува збор за некое заболување на крвта, раскажува Трајче Пендаровски.

3376

Да, до скоро не ни знаев да ја изговорам болеста од која се разболев, можеби така е и подобро за мене, но, еве, по 2 трансплантации на матични клетки, живеам и бијам битка со миеломот, раскажа денеска Трајче Пендаровски, 58-годишен скопјанец, кој заедно со лекарите и пациентите од Клиниката за хематологија, министерот Филипче и директорите на Фондот за здравство, присуствуваше на настанот посветен на малигни  хематолошки заболувања.

Кога пред околу 3 години Трајче почнал да го боли ‘рбетот и да му трпнат прстите на рацете, отишол на рутински преглед. Но…

– Ни на крај на памет не ми беше дека, прегледувајќи го ‘рбетот ќе ми биде откриена една од најтешките болести на крвта, миеломот. Но кога по снимката на ‘рбетниот столб, направив и крвна слика, а сите вредности беа двојно намалени, што веднаш им алармираше на лекарите дека станува збор за некое заболување на крвта. За среќа, се паднав во добри раце – на Клиниката за хематологија има многу солидни и стручни лекари и медицински персонал, па веднаш почна и лекувањето… Успешно беше и пресадувањето на матични клетки, а ми земаа од моите и еве, да чукнам во дрво, се справувам со болеста. Знам дека ќе ја имам до крајот на животот, но здравје Боже, да разговараме за ова и на мои 80, 90 години – вели и малку низ смеа Трајче.


Трајче Пендаровски

Но на овој скопјанец не му е до смеење кога ќе му се јават нус-појави од лековите што ги прима за миеломот.

– Ме болат нозете зашто добив периферна невропатија, односно имам трајно оштетување на нервите, а се мачам и со столицата, бидејќи се случува и по една недела да не можам да ги испразнам цревата, што исто така ми предизвикува болка. Знам дека е ова тешка болест и дека лековите се силни, а гледам дека сега има и многу посовремени терапии за разлика од пред две-три години. Но се надеваме, ние пациентите, дека наскоро со новите лекови чија набавка е во тек, ќе ни бидат достапни уште понови лекови со кои ќе имаме и помали несакани дејства. За помалку да се мачиме – порачува Пендаровски, кој е член на Здружението „Борка“ каде се дружи со останатите членови, со кои заедно се грижи и тие, но и другите болни од рак „со секој нов ден“ да имаат се подобри услови за лекување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...