Антонијо Милошоски пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и преговарач за законот за јавното обвинителство преку статус на Фејсбук бара оставка од директорот на затворот во Шутка Есад Рахиќ за полномошното кое шефицата на СЈО и притвореничка Катица Јанева го испратила до СЈО.
– Во моментот кога лице/функционер (СЈО Катица Јанева) е во притвор, тоа лице не смее директно да комуницира со други лица и институции, освен со својот бранител или преку него. Затоа е мерката притвор. Особено не смее да комуницира со институцијата или вработените на кои може да влијае, кои може да бидат сведоци, а таа институција е токму онаа која притворената ја злоупотребила и таму се наоѓаат материјали или докази кои можат да бидат битни во истрагата за осомничената.
Притворениот градоначалник, директор, државен секретар, пратеник, министер, судија, обвинител, кој истовремено е во оставка, по сила на закон ги губи ингеренциите во својата институција и капацитетот да наредува на вработените, да одлучува, санкционира или решава, особено не за прашања поврзани со злоупотребата заради која е во притвор!
Есад Рахиќ треба да поднесе оставка од директор на истражниот затвор, доколку спротивно на правилата ја овозможил оваа комуникација спротивна на законот и притворот.
Замислете некој притворен градоначалник да даде наредба до општината за купување на ново службено возило или за отварање на тендер за набавка на нови автобуси!?!, напиша Милошоски.