Владата денеска ја осуди објавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски за министерката за финансии Нина Ангеловска и очекува најголемата опозициска партија да се огради од ваквиот говор на омраза.
Од Владата сметаат дека треба соодветно да реагира и Комисијата за заштита од дискриминација.
– Владата остро го осудува примитивниот говор со елементи на омраза врз основа на род и возраст кој беше упатен кон министерката за финансии од страна на опозицијата. Недозволиво е да слушаме ваква реторика од оние кои треба да бидат коректори на власта. Очекуваме најголемата опозициска партија да се огради од ваквиот дискриминаторски говор заснован на негативни стереотипи кон жените и девојките – изјави владиниот портпарол Муамет Хоџа, одговарајќи на новинарски прашања на редовната прес-конференција во Владата.