Јанева и од притвор го забиберува новиот Закон за јавно обвинителство

Министерката за правда Рената Дескоска за Плусинфо изјави дека за последниот потег на Јанева допрва ќе има консултации.

1223

Полномошното на шефицата на СЈО во оставка Катица Јанева, која е во притвор во Шутка како осомничена за случајот „Рекет“, со кое бара сите предмети на СЈО да бидат предадени на Јавното обвинителство кај Љубомир Јовески, ќе ги искомплицира и преговорите за законот за ЈО помеѓу власта и опозицијата.

Министерката за правда Рената Дескоска за Плусинфо изјави дека за последниот потег на Јанева допрва ќе има консултации.

– Во целиот период до сега Министерството за правда не коментира судски и јавнообвинителски одлуки, но во секој случај треба да направиме консултации какво влијание ќе има ова на одредени одредби во законот околу кои дебатираме и дали тие треба да се менуваат – ни изјави Дескоска.

Претходно од СЈО потврдија дека вчера до нив од страна на Основниот кривичен суд Скопје доставено е полномошно кое Катица Јанева преку КПУ „Затвор Скопје“ го доставува до ова Јавно обвинителство.

Со полномошното Јанева ги овластува обвинителите во ова Јавно обвинителство да ги предадат на Јавното обвинителство предметите кои се водат во ова Јавно обвинителство и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага, се наведува во соопштението објавено на веб страницата на СЈО.

Имајќи го предвид законот за СЈО и одредбите за автономија на Обвинителството, во текот на денешниот ден од СЈО ќе испратат допис до Јавното обвнителство на РСМ со цел запознавање на Јавниот обвинител на РСМ со ваквото полномошно, по што ќе биде донесена одлука за евентуално понатамошно постапување.

Мандатот на СЈО истекува на 15 септември. Неговиот иден статус треба да се реши со новиот закон за ЈО кој е во собраниска процедура, но за него власта и опозицијата засега не можат да се усогласат.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...