Двојно е зголемен бројот на заболени од малигни болести на крвта во земјата – во минатата година биле откриени 91 заболен од акутна леукемија, за разлика од пред 4 години кога имало 50 болни. А само до јуни оваа година има веќе 50 новодијагностицирани со ова заболување, кое, заедно со лимфомот и миеломот, се најчести. Најзагрозена група, за жал, се децата и адолесцентите, истакна проф. д-р Ирина Пановска Ставридис, в.д. директорка на Универзитетската клиника за хематологија на прес конференција која денеска се одржа во Скопје.
Септември уште од 2010та година е месец посветен на зголемување на свеста кај населението за рано откривање на овие малигни болести.
Во 2018 година имало вкупно 495 пациенти со овие хематолошки малигни болести, а оваа бројка годинава се очекува да биде дури и поголема за 10 до 15 отсто.
– Од нив 50 отсто ќе бидат со лимфом, една третина со акутна леукемија, а околу 20 отсто ќе имаат миелом. Другите ќе ги имаат поретките малигни хематолошки заболувања. Раното откривање секако влијае на исходот на болеста, па околу 60 отсто од пациентите кои ќе се дијагностицираат со акутна леукемија ќе живеат и по пет години, со лимфом – 80 отсто од нив. А со Хочкиновиот лимфом речиси 95 отсто ќе преживеат пет години – нагласи д-р Пановска Ставридис.
Симптомите дека можеби некој е заболен од овие заболувања се замор, главоболки, чести инфекции, лесно крварење, појава на модринки, како и безболни зголемени лимфни јазли.
– За жал, една третина од пациентите со малигно хематолошко заболување нема да бидат живи по пет години. На Клиниката обезбедивме лекови за групи пациенти за кои досега немаше прволиниска терапија, воведовме и нови методи со кои им овозможуваме во европски стандардизирани услови да се лекуваат во нашата земја – рече д-р Пановска Ставридис, која додаде дека првпат во државава пациентите со хронична миелоична леукемија лани ја добија и второлиниската терапија.
Пепо Леви од Здружението на пациенти со хронична миелоична леукемија истакна дека тоа е едно од најсмртоносните заболувања, особено во земјите кои немаат доволно финансиски средства за набавка на лекови.
– Токму регионот на Западен Балкан е под удар на овие заболувања, кои не бираат пол, возраст…Се здруживме со „Борка“ за да го одбраниме основното право на лекување и живот – нагласи Леви.
Министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека се воведени и повеќе методи поради кои пациентите досега се испраќаа во странство, што беше огромен трошок и малтретирање за пациентите и семејствата, а сега се лекуваат кај нас.
– Го најдовме овој начин за кој сметам дека е многу автентичен дека треба да се инвестира таму каде што е најпотребно, каде што ги имаме врвните експерти да ги користиме сите други начини да ги намалиме трошоците за лекување во странство. Имаше групна набавка на биолошка терапија со која се лекуваат пациентите со малигни заболувања. Тоа ни овозможи 30 нови лекови за сите онколошки заболувања – за рак на бели дробови, дојка, терапија за невролошки дегенеративни заболувања…, кои ги немаше во земјата. Зголемен е бројот на пациентите кои ќе ги примаат и има континуитет во лекувањето – рече Филипче.
Претседателката на Здружението „Борка за секој нов ден“, Биба Додева рече дека раното откривање на ракот помага болеста полесно да се третира, па дури и излекува.
– Првпат во земјата има голем број терапии, кои досега не биле достапни за пациентите. Се надевам дека системски ќе се реши проширувањето и измената на позитивната листа на лекови – додаде Додева.