Владеењето на правото и бизнисот

Врз основа на конструктивната дебата, произлегоа повеќе препораки, размислувања, оценки и насоки, кои би требало да бидат основа за преземање соодветни мерки и активности од страна на носителите на државната власт, во насока на градење ефикасен правен систем, во кој доследно ќе се почитува владеењето на правото, како правен принцип со универзална важност и темелна вредност на нашиот уставен поредок.

656

Насоки и препораки од одржаната Tркалезна маса на оваа тема во Стопанската комора на Македонија.

Бизнисот секогаш бара правна сигурност, стабилност и правен континуитет. Она што вообичаено го слушаме од компаниите – членки на Стопанската комора на Македонија е дека принципот на владеење на правото се` повеќе го поткопуваат проблемите поврзани со „сивата“ економија, корупцијата, нееднаквите правила на игра за сите чинители во економијата, бавното работење на државните служби при решавање одредени акутни проблеми од административен и технички карактер, дискреционите овластувања на надлежните институции вклучувајќи ги и судовите, бавните судски постапки, како и преголемата регулација во одредени подрачја и во случаи кога тоа не е неопходно. Начелна оценка е дека деловното опкружување на земјата сѐ уште не е на задоволително ниво. Но, секако, ова не се нови проблеми, туку прашања кои повеќе години наназад се во фокусот на барањата на бизнисмените, со цел да се создаде поволна бизнис клима, во која поттикнувањето на претприемачкиот дух и конкурентноста би биле основа за легитимен натпревар во остварувањето подобри деловни резултати.

Имајќи го предвид наведеното, ако навлеземе подлабоко во анализата на проблемите со кои се соочува бизнис-заедницата, ќе сфатиме дека воопшто не станува збор за проблеми од економска природа, туку во основата на проблемите со кои се соочуваат компаниите во нивното секојдневно работење се прашањата кои, директно или индиректно, се поврзани со доследно почитување на основната темелна вредност на нашиот уставен поредок – владеењето на правото.

Во таа насока, на Тркалезната маса на тема: „Владеењето на правото како императив за стабилни и предвидливи услови за водење бизнис“, што се одржа на 26.8.2019 година, Стопанската комора на Македонија се обиде да даде реален придонес во одговорот на прашањето како да станеме активен чинител во процесот на градење на функционална, демократска, современа, правна држава. Имајќи го предвид широкиот опфат на различните области на учесниците (Делегација на Европската унија во земјава, бизнис-секторот, вклучувајќи претставници од домашните компании и од странските инвеститори, универзитетски професори, медиуми, научна и стручна јавност), ова прашање беше разгледано од различни аспекти.

Врз основа на конструктивната дебата, произлегоа повеќе препораки, размислувања, оценки и насоки, кои би требало да бидат основа за преземање соодветни мерки и активности од страна на носителите на државната власт, во насока на градење ефикасен правен систем, во кој доследно ќе се почитува владеењето на правото, како правен принцип со универзална важност и темелна вредност на нашиот уставен поредок. Meѓу позначајните, би ги издвоила следните:

  • довербата во институциите на системот е прашање од клучно значење, кое не треба да биде подложно на ерозија на општеството базирано на правила, туку напротив, треба да се вложат напори од страна на сите општествени чинители за преземање мерки, активности и промени кои ќе придонесат за јакнење на довербата и во државата како целина, и во судството, но и во сите релевантни јавни институции, како една од основните претпоставки за владеење на правото во државата;
  • потребно е уредување на односите меѓу сите општествени чинители за почитување на правото и институциите на системот, во кои покрај централната и локалната државна власт, главните „стејкхолдери“ во процесот на градење на предвидлив, ефикасен, транспарентен и стабилен правен систем, треба да бидат и бизнис-заедницата, академската заедница, невладиниот сектор, синдикатите, меѓународната заедница, но и инклузивноста на граѓаните;
  • ефикасноста на институциите на системот во голема мера може да придонесе за поттикнување на економскиот раст, а со тоа и на благосостојба на граѓаните и подобри услови за живот воопшто;
  • безбедноста и правдата се вредности за кои нема супститут и токму затоа тие се алфа и омега во една држава за да може да биде основа за создавање услови за економски и општествен напредок, подобра бизнис-клима и поголема правна сигурност;
  •  владеењето на правото не препознава етничка боја, туку е елемент на обединување во рамките на општеството и е пункт околу кој е потребен општествен консензус по сите линии. Улогата на медиумите е многу значајна во градењето и функционирањето на правната држава;
  • прашањето на владеењето на правото, во смисла на предвидливо бизнис-опкружување, правна сигурност, легалитет, еднакви правила на игра, поефикасна администрација, превентивно делување за спречување на корупцијата, „сивата“ економија и организираниот криминал, ефикасен пристап до правдата, во смисла на непристрасност и независност на правосудните органи и фер судење, се битна претпоставка и за домашните и за странските инвеститори, при креирањето на нивните планови за инвестирање, но и за нивната ликвидност, опстанок и натамошен развој;
  • надминувањето на проблемите поврзани со спората администрација, паралелизмот или преклопувањето на надлежностите на бројни државни институции (агенции, комисии, управи), развивањето на слободни медиуми – чувари на демократијата и создавање амбиент на „неисплатливост“ на непочитување на регулативата и свест дека не може да се помине неказнето во случаите на злоупотреба на службената положба и овластувања се прашања за кои треба да се преземат итни превентивни, па и репресивни мерки, како реална претпоставка за доследно почитување на принципот на владеење на правото;
  • користењето на алтернативните методи за решавање на споровите меѓу деловните субјекти (арбитража, медијација), e прашањe кое заслужува посебно внимание од аспект на поефикасно решавање на споровите меѓу деловните субјекти;
  • основен услов за владеење на правото е соодветна имплементација на донесените прописи, од причина што колку и да се добри законите, тие ќе останат „мртво слово на хартија“ доколку правилно и во целост не се имплементираат во пракса. Ова особено значи дека државните органи мора ефикасно да ги спроведуваат законите. Самата суштина на владеењето на правото ќе биде доведена во прашање ако регулативата постои сама за себе;
  • бизнис-заедницата укажува дека претераната регулација претставува проблем, особено во подрачја каде што тоа навистина не е потребно, поради што треба да се преземат мерки за да се намали хипер регулацијата.

Потребни се реформски чекори коишто ќе обезбедат стабилно правосудство, ефикасно јавно обвинителство, критички став за сите прашања кои го гушат правото, правдата и правичноста, доследна имплементација на прописите во практиката и брзо решавање на предизвиците на тој пат. Доколку во правосудството не се спроведат темелни реформи, ниедна друга промена нема да има смисла. Токму затоа, она што треба да го направиме како држава за да имаме успешна приказна во делот на владеењето на правото произлегува само по себе. Потребни се реформи во функционирањето на правниот систем во целина и цврста подготвеност на државата да одговори на сите предизвици сега и веднаш, со конкретни активности и мерки, кои ќе значат чекор напред кон подобрување на функционалноста на институциите на системот, а со тоа и јакнење на довербата во она што се нарекува држава во вистинска смисла на зборот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...