Нина Суомалаинен: Се надевам дека ќе одговараат оние кои прислушувале

Нина Суомалајнен ја презеде функцијата шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје во септември 2015 година, а сега по тригодишната работа во земјава заминува на позицијата извршен директор на невладината „Брз одговор за правдата“ (Justice Rapid Response), со седиште во Женева.

764

Нина Суомалајнен ја презеде функцијата шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје во септември 2015 година, а сега по тригодишната работа во земјава заминува на позицијата извршен директор на невладината „Брз одговор за правдата“ (Justice Rapid Response), со седиште во Женева.

Во интервју за МИА таа говори за слободата на медиумите, се осврнува на повеќе теми, слободата на медиуми, реформи на правосудниот систем, миграциската криза, законот за јазици, тероризмот, контрола на оружјето, полицијата, родовата еднаквност, а говори и за нејзините натамошни чекори во кариерата.

Вашиот мандат почна во екот на политичката криза во Македонија, поточно во септември 2015 година. На 15 септември Советот на јавни овинители на предлог на Собранието ја избра Катица Јанева за специјален јавен обвинител за гонење на кривични дела, поврзани и кои произлегуваат од незаконски следење на комуникациите. Ваша оценка за работата на Специјалното јавно обвинителство. Случаите се отвораат, дали Македонија конечно ќе воспостави функционално владеење на правото и независно судство?

ОБСЕ го поддржува процесот на развивање на независно и непристрасно судство со професионален кадар, кој не е подложен на влијание. Потребни се систематски промени и гледам дека започна обемен и системски процес на реформи. Сметам дека зголемувањето на довербата во судството и натамошната професионализација на судскиот систем треба да бидат приоритети, така што граѓаните ќе може да бидат сигурни дека нивните права се почитувани и поддржани од судовите.

Во врска со работата на Канцеларијата на Специјалното обвинителство би сакала да истакнам дека од неговото формирање подигнати се 20 обвиненија, при што сите беа потврдени и судењата се во тек. Ова го сметам за успех.

Нашата Мисија ја поддржува работата на Специјалното обвинителство преку овозможување техничка помош. Дополнително, тимот на Мисијата за следење на судски постапки досега има присуствувано на над 130 рочишта во повеќе од 20 случаи. Судските случаи ги следиме од процедурален аспект со цел да оцениме дали подеднакво се почитувани процесните права на страните од страна на судот. Се надеваме дека сите случаи ќе добијат разрешница со цел да се обезбеди одговорност за кривичните дела откриени со прислушувањето.

Посебно достигнување со кое се гордеете, додека раководевте со Мисијата во Скопје?

Доколку треба да издвојам само едно достигнување, тоа сигурно ќе биде одговорот на Мисијата на мигрантската криза и брзата и ефективна поддршка што ѝ ја дадовме на Граничната полиција.

Распоредивме мобилни тимови на границите и презедовме чекори да им помогнеме на властите да го зајакнат управувањето со границите. Исто така промовиравме регионална соработка за откривање на организирани криминални групи за трговија со луѓе помеѓу мигрантите. Многу сум горда поради брзата реакција на Мисијата.

Мисијата на ОБСЕ првенствено се занимава со следење и имплементација на Охридскиот рамковен договор, а како последна точка за негово реализирање се смета Законот за јазиците. Ваш став за Законот, кој од одредени структури беше поздравен, но критиките одат во насока на тоа дека се дава екслузивитет на една малцинска етничка група?

ОБСЕ начелно се залага за почитување на правата на сите групи во една земја. Така што, најважното нешто што треба да се има предвид е дека државата треба да работи за сите граѓани, без разлика на нивното потекло. Јазикот е значаен фактор во една мултиетничка земја, кој на сите граѓани им овозможува да бидат дел од општеството.

Во мултиетничките општества јазичните прашања се решаваат на различни начини. На пример во мојата земја, Финска, имаме два национални јазика, фински и шведски. Моментално помалку од  шест отсто од населението зборува шведски. Порано бевме дел од Шведска се до 1809 година, но поради историски причини и нордиските принципи за соработка сакавме да го задржиме шведскиот јазик како официјален јазик. Самата земја и народот одлучуваат за иднината, вклучително и за јазичните прашања. Не постои единствен модел кој се применува во меѓународното право, но ве уверуваме дека Мисијата ќе продолжи да ги поддржува заложбите за градење на едно целосно кохезивно мултиетничко општество.

Доаѓате од Финска. Каква е состојбата со правата на малцинствата во вашата родна земја?

Мојата земја, Финска, обезбедува заштита на правата на националните малцинства. Иако ниту една земја нема беспрекорна репутација кога станува збор за правата на малцинствата, Финска упорно работи на промовирање на добрите меѓуетнички односи кај населението и на решавање на потенцијални проблеми, вклучително и унапредување на правата на Самите и образованието на ромските деца.

Генерално кои се придобивката на земјава од работата на Вашата Мисија?

Сметам дека во последниве 25 години Мисијата на ОБСЕ во Скопје значително придонесе за стабилноста на земјата, демократските заложби и реформските процеси. Мисијата беше воспоставена на 7 ноември 1992 како Набљудувачка мисија, со задача да го следи развојот на настаните во пограничниот дел со цел да се зачува територијалниот интегритет на земјата во кризни моменти во регионот.

Денес работиме на унапредување на меѓуетничките односи, имплементирање на реформи во области како што се избори, медиуми, демократско полициско работење, локална самоуправа, судство и натамошна имплементација на Охридскиот рамковен договор. Ќе беше невозможно да се постигнат овие резултати без посветената работа на персоналот на Мисијата и одличните партнерства со властите и граѓанското општество.

Човековите права, еднаквиот третман за сите во соработка со Државната комисија за заштита од дискриминација и Народниот правобранител, секако е дел од вашата Мисија. Омбудсманот Иџет Мемети неодамна рече дека процесот за зајакнување на институцијата Народен правобранител е само на хартија, финансисии за таа цел се предвидени, но заложбите останале единствено во Законот. Ваш коментар за состојбата на човековите права во Македонија и реалната улога на омбудсманот во тоа?

Многу меѓународни извештаи за жал укажаа на опаѓање на нивото на заштита на човековите права во земјата во последните неколку години. Меѓутоа Владата покажа дека сака тоа да го промени. Мисијата помага во зајакнување на институциите за човекови права во земјата. Последниве неколку години имавме тесна соработка со Народниот правобранител и Комисијата за заштита од дискриминација и забележавме раст и развој на двете институции. Сепак, останува уште да се работи на обезбедување нивна целосна финансиска независност и решавање на кадровските прашања.

Сметам дека Народниот правобранител треба да се поддржи во исполнување на својата улога како „адвокат на и за луѓето“ кој може да укаже на недостатоци во законодавството и во судските постапки и да ги поддржи луѓето во утврдувањето на нивните права. Позитивно го оценивме присуството на Народниот правобранител во Советот за имплементација на реформи во правосудството каде што може да ги одразува перспективите на граѓаните. Дополнително, сметаме дека процесот на ревидирање на Законот за спречување и заштита од дискриминација како и неодамна усвоените амандмани на Законот за Народен правобранител се позитивни чекори кон унапредување на ситуацијата со човековите права во земјава.

Кои се активностите што ги спроведувавте во насока на борба против тероризмот, како една од целите на вашата Мисија. Владата усвои национална стратегија за борба против тероризмот и спречување насилен екстремизам. Дали помогнавте во изработка на тој документ и зошто поделба на двата термина?

Мисијата спроведе неколку активности во оваа област. Знаеме дека ниту една земја не може да одговори на глобалната опасност од насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам. И додека органите на прогонот се клучен играч во борбата против тероризмот, насилниот екстремизам може да се спречи само со инклузивен пристап. Имајќи го ова предвид, заедно со Британската амбасада и Националниот комитет за борба против насилниот екстремизам и борба против тероризмот, организиравме тркалезни маси во Скопје и Тетово каде што присутните владини претставници имаа можност да ги слушнат мислењата на граѓанските, верските и локалните лидери и експертите. Многу од мислењата изразени на овие состаноци беа вклучени во националните стратегии и акциските планови за борба против насилниот екстремизам и борба против тероризмот.

Кои се вашите активности во насока на контрола на оружјето во земјава. Мисијата поддржува иницијативи за нелегално поседување на оружје, преку обука на полицијата и подигнување на свеста на граѓаните за тоа како да се спречи оруженото насилство. Кои активности ги спроведувате во оваа насока? 

Мисијата во моментов спроведува еден голем проект, финансиран од Европската унија и Германија, наменет за помош на Граничната полиција во обезбедувањето безбедни простории за складирање на оружје на 15 локации и воведување на софтвер за попис и контрола на инвентарот и евиденција во складовите за оружје на Граничната полиција. Целта на проектот е да се намали ризикот на ширење на оружјето и муницијата и да се зголеми безбедноста на постојните резерви на рачно и лесно оружје.

Сметам дека овој проект содржи важен елемент на борба против тероризмот. Еден од клучните резултати кои што ги очекуваме е намалување на транснационалните закани и успешна борба против организираните криминални активности преку спречување на ширењето на оружјето.

Една од вашите цели е полиција ориентирана кон граѓаните, се работи на измени на законите за полицијата. Една од тие измени е воведување на надворешна контрола на работата на полицијата. Станува збор за воведување концепт на граѓанска контрола која ќе работи под капата на Народниот правобранител. Какви активности презема мисијата во оваа насока, како да ја приближиме полицијата до граѓаните, да се направи транформација на перцепцијата за полицијата од репресивна сила во структура која работи во служба на граѓаните?

Нашата мисија беше еден од клучните чинители кои во земјата го воведоа моделот на полициско работење за заедницата. Ова е метод ориентиран на полициско работење во согласност со демократските принципи и меѓународните човекови права. Набргу по конфликтот во 2001 година, тесно соработувавме со Министерството за внатрешни работи и со општините за да помогнеме во спроведување на концептот за полициско работење за заедницата. Денес, ние продолжуваме да му помагаме на Министерството за внатрешни работи во изготвувањето на Стратегија за ангажирање во заедницата и комуникација, чија цел е зголемување на контактот на полицијата со граѓаните и промовирање на цивилен надзор врз полициските активности.

Промоцијата и практичната примена на принципите на демократско полициско работење остануваат приоритети за Мисијата. Ќе продолжиме да ги поддржуваме тековните реформи на полициската служба и да обезбедуваме поддршка за професионализација на полицијата. Тесно соработуваме со Полициската академија. Целта е да се има полициска служба која одговара на безбедносните потреби на сите граѓани.

Оценка за состојбата со родовата еднаквост во земјава, каде се уште менаџерските и раководните позиции како да се наменети за припадниците на машкиот пол?

Нема сомнение дека еднаквата застапеност на жените и мажите на раководните позиции останува предизвик во целиот свет, вклучително и овде и дека треба уште многу да се направи за да се подобри вработувањето на жените, особено на менаџерски и лидерски позиции. Сепак, би сакала да напоменам дека во Парламентот има одреден напредок, а сегашниот состав вклучува најголем број жени досега, 47. Друг позитивен чекор беше неодамнешната ратификација на Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и домашните насилство.

Според мене, како жена лидер, земјата има многу амбициозни и квалификувани жени. Нивниот потенцијал треба целосно да се искористи. Исто така, самите жени треба да се трудат да ги добијат позициите за кои се потполно компетентни. Колку повисоко еден човек оди во својата кариера, толку поголема станува конкуренцијата, и затоа, ние жените, треба да бидеме подготвени да ги развиваме нашите вештини, да покажеме за што сме способни и да бидеме одлучни во постигнување на нашите цели.

Се носат измени во законот за медиуми. Вашата оценка за состојбата во медиумите во земјава, дали има напредок? Како го оценувате овој период од десет месеци на тој план, по смената на власта во земјава?

Мој впечаток е дека ситуацијата со слободата на медиумите полека почна да се подобрува. Ова подобрување беше наведено во Извештајот на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори, во кој, меѓу другото стои и дека медиумите обезбедија балансирано покривање на кандидатите.

Сепак, сè уште има многу сериозни прашања. Јавниот сервис, МРТ, се соочува со предизвици, вклучувајќи ги и кадровските прашања, на пример во редакциите на помалите немнозински заедници. Друго важно прашање што треба да се разгледа е неказнивоста за злосторства против новинарите. Целосно свесни за потребата за подобрување на безбедноста на новинарите, нашата Мисија ќе работи заедно со Здружението на новинари и Министерството за внатрешни работи. Ќе работиме на подобрување на безбедноста на новинарите и да ставиме крај на неказнувањето на кривичните дела против новинарите. Мислам дека ова е многу охрабрувачки чекор.

Што се однесува до Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за кој во моментов се дискутира во Парламентот, би сакала да напоменам дека два претходни нацрти беа разгледани од меѓународен експерт ангажиран од страна на претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите. Во изминатите месеци, и Министерството за информатичко општество и администрација и Собранието, организираа голем број јавни дебати за нацрт-законот на кој присуствуваа претставници на медиумските организации и здруженија, јавниот радиодифузен сервис, регулаторното тело и меѓународната заедница. Очекуваме дека измените на законот што ќе бидат усвоени од страна на Собранието ќе бидат во согласност со препораките дадени во анализата на ОБСЕ. Потоа, правилното спроведување на законот ќе биде од најголема важност.

Ваша оценка, како треба натаму да се развива Мисијата во Македонија?

Ќе продолжиме да одиме напред и да отвораме нови врати, истовремено зацврстувајќи ја стратешката соработка која веќе ја имаме со нашите партнери. Мислам дека во следните неколку години Мисијата ќе се концентрира на нејзините основни мандатни приоритети, раното предупредување и поддршка за спроведување на Охридскиот рамковен договор, како и кон поддршката на тековниот процес на реформи, во согласност со заложбите на ОБСЕ.

Се разбира дека целокупната политичка клима и темпото на промените во различните области на реформскиот процес се фактори кои имаат влијание врз начинот на кој Мисијата најдобро ќе ги поддржува институциите во земјата. Можноста да ги прилагодиме нашите ресурси и експертиза кон потребите на нашите институционални партнери, останува клучен фактор за нас.

Во овој поглед, ќе се фокусираме и на поддршката на напорите за измена на законите и процедурите, но исто така и на нешто што е некогаш и потешко, процесот на спроведување на новите закони и процедури. Да споменам два примера. Наскоро ќе ги финализираме извештаите за судскиот мониторинг, кои, верувам, ќе обезбедат добра основа за тоа како понатаму да го подобруваме судскиот процес.

Слично на тоа, неодамна завршивме една голема анализа на јавното мислење и мислењето на полициските службеници за прашањата за работата на полицијата во земјата што опфаќа неколку области каде што се потребни подобрувања. Дури и по моето заминување, знам дека Мисијата ќе продолжи да соработува со властите за да подготви соодветни лекции од овие анализи и да ги спроведе промените за подобрување на ситуацијата.

Кој е Вашиот следен чекор во кариерата?

Ќе ја преземам функцијата извршен директор на Женевската невладина организација „Justice Rapid Response”, организација која ѝ помага на меѓународната заедница да ја исполни својата заложба за ставање крај на неказнувањето на злосторствата и сериозните прекршувања на човековите права преку доставување брзи, непристрасни и добро спроведени истраги за тие злосторства.

Со нетрпение чекам да свртам нова страница во мојот живот и да работам на предизвиците кои се пред мене. Сепак, исто така сум тажна што морам да се збогувам со моите колеги, моите пријатели и мојот дом на кој се навикнав во минатите три години.

Можете ли да ни кажете кој е вашиот наследник?

Она што можам со сигурност да го кажам е дека мојот наследник ќе биде компетентен и искусен професионалец. Процесот на избор на мојот наследник во моментот е во тек и вклучува голем број кандидати кои беа номинирани од нивните земји за позицијата шеф на Мисијата.

Се надевам дека сите партнери и институции ќе ја продолжат одличната соработка со мојот наследник, која ја имаа со мене за време на мојот мандат овде. На мојот наследник или наследничка му/ѝ посакувам многу успех во оваа пријатна и никогаш здодевна работа.

До назначувањето на наследник/чка, Џеф Голдстајн ќе биде в.д. шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Пред да се приклучи на Мисијата во септември 2016 година, Џеф работеше за две невладини организации, „Фридом хаус“ и „Фондацијата отворено општество“, како и за Стејт департментот на САД, во Варшава, Сеул, Москва, Талин и Вашингтон.

Во кои работи уживавте изминатите години додека престојувавте во нашата земја?

Јас навистина уживав во природата овде. Многу често, брзото темпо на животот и природата на нашата работа не обврзуваат да минуваме многу време во канцеларија и го зголемуваат нивото на стрес. Можноста да избегам во природа заедно со моите кучиња по работа, има смирувачки ефект врз мене.

Во текот на изминатите три години, јас, исто така, се посветив на спасување и заштита на злоупотребуваните, запоставените или напуштените животни, помагајќи им да најдат дом полн со љубов. Голем број прекрасни кучиња од Скопје веќе си најдоа свој нов дом во Финска. Има многу луѓе овде, кои прават многу за да им помогнат на животните. Им посакувам се најдобро, бидејќи прават одлична работа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...