Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за ТВ 24 вести истакна дека речиси 96 отсто од Планот 3-6-9 е реализиран и оти доколку заедно со опозицијата ги изгласаат законските решенија што се останати тогаш би дошле до 99-процентна реализација. Тој очекува чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ.
– Кога ќе дојдат еврокомесарот Јоханес Хан и високата претставнична за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, очекуваме идната седмица тие да го соопштат тоа. Од она што ние го знаеме и имаме информации и од тоа што го гледаме заслужуваме кристално чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ – истакна Заев.
Тој вели дека е битно не само заедно да се гласа во Парламентот, туку е важно да се гради национален консензус, бидејќи според него, тоа гарантира имплементација на тие законски решенија.
– Граѓаните чекаат резултати, не само гласање на закони, сакаат да ги почувствуваат тие нови закони како се рефлектираат на позитивен начин врз нивните животи, додаде тој.
Потенцира и дека за градење на заеднички консензус потребни се отстапки од двете страни и оти досега при донесувањето на законските решенија и опозицијата и власта ги правеле во интерес на граѓаните.
Во врска со состојбите во судството вели дека законот мора да важи подеднакво за сите и верува дека тоа ќе станува се поефикасно и понезависно.
– Не може јас како премиер да гарантирам дали секој судија ги носи одлуките согласно Устав и закон. Тоа е друга власт, не е извршната власт. Треба да знаат граѓаните дека нема повеќе премиери и министри коишто носат пресуди, се јавуваат по телефони или слично. Се постапува исто за секој согласно закон, полицијата повикува на информативен разговор соодветно на тоа и доказите коишто ги поднесува соодветна постапка и тоа е постапката по која што се постапува – вели Заев.
Во интервјуто премиерот најави дека ќе има кадровски промени во ресори во кои тој не е задоволен од постигнатите резултати.
– Во многу мал дел не сум задоволен од неколку министри и тука ќе има промени -додаде Заев.