Податоците изготвени од Министерството за информатичко општество и администрација во Годишниот извештај од Регистарот на вработените во јавниот сектор за 2017 година, покажуваат со колкав број и со каков кадар располага државната администрација и колку истиот е образован и квалификуван во Македонија.
На последниот брифинг на г-дин Манчевски соопштен е вкупниот број на административци кој изнесува 139.009. Ако кон таа бројка ги додадеме и пензионерите кои оваа година ќе надминат 320.000, исто така закачени на буџетот на Македонија, како тогаш тие кои што работат во реалниот сектор и произведуваат, да создадат доволно средства и блага за да ги издржат?
Во извештајот е направена анализа на структурата на податоци за вработените во јавниот сектор кои покажуваат дека 495 вработени се без образование, 202 полуквалификувани, 404 квалификувни, 10.570 административци со основно образование, 38.045 со средно образование, 547 се висококвалификувани, 5.707 со вишо образование, 46.405 со високо образование, 4.861 магистри и 2.068 доктори на науки.
Г-дине Манчевски, според Вас и дали квалификациите, образованието и досегашното искуство на вака структурно поставената администрација, можат да бидат основа на целокупниот јавен сектор од кој ќе зависат демократските процеси, бизнис-климата, економскиот развој и интеграција на земјата во ЕУ и ќе се обезбеди ефикасно креирање на политики во корист на граѓаните и фирмите, како и нивна доследна примена?
Повеќе од јасно е дека е потребна сериозна реформа во администрацијата, како и стратегија за намалување на нејзиниот број, но притоа да се внимава да не се предизвика социјален немир.
Ние од ГДУ прво Ви предлагаме да ја запрете партизацијата, која како лоша практика ја наследивте од ДПМНЕ и ја користите како удобна алатка да ги сместите вашите партиски јуришници. Ви предлагаме да си ги вработите во вашите приватни компании на кои и така им цвета бизнисот. Второ, Ви предлагаме да се даде можност на оние вработени во администрацијата кои ќе изберат да ја напуштат својата работа во администрацијата, да им се исплаќа одреден законски паушал, со кој би можеле да започнат сопствен бизнис или некои други иницијативи во приватниот сектор. Трето, план за етапно пензионирање, дополнето со план за едукација и надградување на постојната кадровска база на администрацијата. Четврто, отпуштање од работа на неспособните и необразовани кадри на администрацијата, чија основна цел е веење на партиски барјаци и одење по митинзи.
Сметаме дека македонските граѓани треба да плаќаат даноци со кои ќе се исплаќаат плати на административците врз основа на принципите на приватниот сектор. Пружена услуга и реализација за соодветна примена плата, а како што знаете, во некои компании од приватниот сектор е вклучена и таканаречената норма на реализација. Па, зошто и администрацијата да не биде на норма која ќе се изгради на база реално решени потреби на граѓаните и предмети.
Време е еднаш за секогаш да стане јасно дека државната администрација не е простор за згрижување на партиски акивисти, туку сервис на граѓаните за кој сите ние плаќаме даноци, а на некои и ќе ги зголемите согласно последните најави.
На Македонија ѝ е потребна модерна и европска администрација, способна, образована и подготвена да се справи со предизвиците на 21 век.
Авторката е член на УК на ГДУ