Нема да се прифаќаат документи за упис на факултет со положена училишна матура, туку само со државна матура, како што наложува Законот за високо образование, дециден е министерот за образование и наука Арбер Адеми откако група матуранти собираа потписи да се направи отстапка оваа година зашто не биле информирани дека со законот државната матура е единствено прифатлива да продолжат во високо образование.
– Законот кажува дека само со положена државна матура средношколците може да стекнат статус на студент. Во вакви услови од нас се бара доследно да ги применуваме законските прописи и тие мора да се почитуваат. Постојано зборуваме дека бројот на студенти е огромен. Јавноста со право критикува што правиме и каде одиме. Целта е да предивидиме строги критериуми за запишување на факултет. Секој средношколец се запишува на факултет, секој завршува факултет. Се залагаме да ги зацврстиме условите за стекнување на статусот студент, но и за дипломирање во високото образование – додаде Адеми на прес-конференција која беше посветена на почетокот на новата учебна година.