Заврши ерата на УБК и директорот на новата Агенција за национална безбедност, Виктор Димовски, денеска на прес-конференција го означи почетокот на работа на Агенцијата за национална безбедност, истакнувајќи дека сите капацитети на Агенцијата, согласно законот за нејзино основање и согласно внатрешните акти за оперативност, од денеска се ставени во полна функција.
– Денешниот ден е и историски ден. Денеска можеме и со право да кажеме дека завршува клучната фаза во реформата на безбедносниот сектор во нашата земја и дека Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни и групни интереси, конечно заминуваа во историјата. Велам злоупотребена, бидејќи во одредени периоди во минатото и посебно, за време на владеењето на претходната власт, граѓаните и земјата беа, на одреден начин, жртви на злоупотребата на капацитетите, ресурсите и еден дел од вработените во Управата. Од денеска започнува нова ера во оваа област. Агенцијата за национална безбедност е самостојна агенција, надвор од рамките на МВР, како дел од завршницата на реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Северна Македонија – нагласи Димовски.
Тој објасни дека била напревена селекција на вработени од УБК и оние кои ја поминале селекцијата ќе работат во новата Агенција. Сепак, оние за кои се утврдило дека не можат да поседуваат безбедносен сертификат, нема да останат без работа.
– За оние кои не ја поминаа селкецијата за Агенцијата, остануваат вработени во Министерството за внатешни работи, освен оние за кои во безбедносна постапка ќе се покаже дека не можат да поседуваат безбедносни сертификати. Меѓутоа и за нив е предвидено вработување во останати државни институции – рече Димовски.
Димовски рече дека она, што ја прави Агенцијата современа и во служба на граѓаните и интересите на државата е воспоставениот систем на парламентарна и граѓанска контрола на работењето на Агенција, истакнувајќи дека Агенцијата ќе биде постојано отворена за увид во нејзината работа и ќе ги почитува високите законски стандарди за таа цел.
– Реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем се надополни со формирање на Телото за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав, начин на работа и донесување на одлуки, како и конкретни аспекти во врска со неговата работа кои се предвидуваат во функција на спроведување ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница – информираше Димовски.
Директорот на новата Агенција рече дека процесот на реформи на безбедносниот сектор сепак, не завршува со денот на отпочнување со работа на Агенцијата за национална безбедност.
– Реформата подразбира развоен концепт на постојано унапредување на расположливите капацитети на безбедносниот систем, систем кој може да се справи со современите закани и ризици по националната и меѓународната безбедност. Во овој процес од исклучителна важност е чесноста и професионалниот интегритет на секој припадник на Агенцијата кој со својот углед ќе ја обезбеди поддршката и довербата на граѓанинот како партнер во заштитата на безбедноста на државата -изјави Димовски.