Паламуди туруци паламудат за „Рекет“, другарчињата губат време и нерви!

Другарки и другарчиња, турете прст на чело, не наседнувајте на ова бескрајно паламудење. Никој не ве руши, самите си се рушите! Уште на самиот почеток ви реков дека аферава, без оглед на сите дефокусирања и разводнувања, има потенцијал да трае и да ја забавува јавноста до следните избори. Ќе има нови сведоци и нови осомничени, ќе проговорат осомничените, ќе има обвинение, ќе стасаат судските рочишта - каде ќе се криете? Кој ќе ве спасува, ова туруциве? Дајте, бидете сериозни!

19560

Има само едно значење на глаголот „паламуди“, што неодамна го употреби премиерот Зоран Заев во рамките на акцискиот план за зачестена употреба на „народскиот јазик“ во Република Северна Македонија, но и повеќе интересни теории за потеклото на тој збор. Значењето, мислам, е широко познато – да се паламуди значи да се зборува напразно но упорно, со убеденост дека нешто сериозно се кажува, а всушност не се кажува ништо битно. Теориите за потеклото на зборот се поинтересни.

Мал придонес кон лингвистиката

Првата теорија за потекото на глаголот „паламуди“ води кон нашиот северен сосед Србија. Според таа теорија, зборот доаѓа од фразата „паднати мадиња“ и означува говор на човек кој во интелектуална смисла е килав, односно обезмаден, или во оригинал, човек палих муда. И навистина, кога ќе се види кој сѐ паламуди во Република Северна Македонија  – ха, почна ова повторувањево на РСМ да станува забавно! – се чини дека оваа теорија се наметнува како водечка. Пример за тоа се некои луѓе кои паламудат за најновите актуелности кај нас, во врска со скандалот „Рекет“. Тоа се луѓе на кои мадињата им отпаднаа како природна последица на истекот на мандатот на револуцијата во која беа главни актери на инсеминацијата на надежта. Тие луѓе сега смислуваат неверојатни филозофии и теории на заговори, во надеж дека тој инаку бесмислен трич-прич ќе нѐ потсети на блесокот на нивните некогаш набрекнати мадиња во полн напон, кои сега, за жал, висат исушени и обесени на шајка, како тажен трофеј на една упропастена револуција.

Втората теорија ни доаѓа од југ, од пријателска Грција. Според неа, глаголот „паламуди“ произлегува од грчкиот збор паламуд, со кој наводно се означува одвратен здив од устата. Па смислата е дека паламудење значи ширење на таков одвратен здив од устата. И оваа теорија има основа, бидејќи ова актуелново паламудење што го спомнав, тој глупав напор да се смисли некаква логика на неверојатната недугавост на актерите на драмата „Рекет“, не што смрди, туку базди на еден нов обид, со ситна корупција, аферата да се дефокусира и ако е можно да се избегне најболното прашање – она за политичката одговорност.

Третата теорија, на која делумно полагам авторско право, е дека глаголот „паламуди“ е од б’лгарски происход. Оваа теорија е најмалку „народска“, во онаа смисла во која Заев ја сфаќа придавката „народски“ – како право во име на „народскиот говор“ да навредува други луѓе и цели социјални групи. Имено, постои еден вид на риба што ја има во Медитеранот, во Белото Море, но изгледа најмногу во Црното Море, која се нарекува паламуд. Многу е слична на скушата, но за разлика од неа, има голема уста и остри заби. Рибарите велат дека и покрај овие карактеристики, паламудот не е опасен грабливец. Оттаму, според моето разбирање на можното б’лгарско потекло на глаголот за кој зборуваме, да се паламуди значи да се зборува така да изгледа страшно (страшно сериозно, страшно паметно, страшно што и да е), без оглед што ние знаеме дека таа фацијална експресија на говорникот – широко отворена уста со остри заби – е само комична и лажна закана, особено кога доаѓа од повозрасните премероци, кои се нарекуваат туруци.

Во име на заедничката историја и сѐ друго заедничко на Балканите, ние во Република Северна Македонија би можеле да ги обединиме трите значења на глаголот „паламуди“ во едно – значи, да се паламуди значи да се зборува напразно, без значење и со тези кои наликуваат на неподнослива реа од устата, при што говорникот е човек кој инсуфуцијенцијата на мадиња ја надоместува со широко отворена уста и остри заби, со кои инаку не може ништо да улови, па се храни главно со лајна и други отпадоци.

Туручките тези за „Рекет“

Ете, после овој мој мал лингвистички придонес, редно е да се осврнам на тезите што паламудите туруци ги шират за аферата „Рекет“, во обид да го релативизираат нејзиното значење и да ја оспорат потребата од итна правна и политичка разврска на скандалот.

Првата туручка теза е дека аферата „Рекет“ е производ на „криминалното подземје“ и е смислена со цел да се уништи Специјалното јавно обвинителство, кое да ти било на трага на криминалните активности на поранешната владејачка вмровска елита и на бизнисмените блиски до неа. Тезава се развива до степен на тврдење дека Катица Јанева е намерно „егзекутирана“, поради нејзините успеси и цврстата решеност да се справи со „мафијата“.

Тезава е толку смешна сама по себе, што не вреди ни да се вложува многу труд да се побива. Затоа, ќе понудам само два аргумента, за кои е свесна целата јавност во Република Северна Македонија, ама некои луѓе можеби заборавиле како се случиле некои нешта и сега уживаат во паламудење.

Прво, изборот на СЈО е извршен со согласност на претходната владејачка елита, во Пржински формат (отаму сегашните проблеми во создавањето правна рамка за новата јавнообвинителска институција), со прецизен договор за употребата на „бомбите“ и со согласност на Никола Груевски за изборот на нејзиното височество Катица Јанева. Се заборава дека СЈО е институција со мандат (мандат и во смисла на сет на надлежности и во смисла на рок на траење), што ќе рече таа е механизам со вграден шраф кој кога ќе се извади, доведува до распад на целиот механизам.

Второ, самото СЈО, во својот отчет за сопствената работа, презентира уверливи податоци за својата доминантна неуспешност. Не е само Катица „гнила круша во гајбата“. Дури и да е, нејзината позиција е таква што по дефиниција ја прави гајбата адекватна за отпад. Не, во таа гајба одвај може да се најде по некоја здрава круша. Се гледа тоа од сработеното – клучните кејсови се водени невешто, неуредно, неамбициозно, а некои истраги, можеби намерно, се отворени по јасниот законски рок, за што никој од паламудиве сѐ уште не нуди логично објаснување оти било постапено така.

Втората теза треба да ја оправда првата: во случајот „Рекет“ немало рекетирање туку поткуп. Ако се сеќавате, имаше дури и комични обиди аферата да се именува како „Поткуп“.

За жал, никакво епско паламудење не може да помогне граѓаните на Република Северна Македонија да го заборават она што го видоа и што го слушнаа со сопствените очи и уши. Имнено, сите се осведочивме дека на дело е рекет и тоа не обичен, туку мега-рекет! И сите, не само поради снимките, туку и поради сомнителните активности на специјалната обвинителка Јанева, сфативме дека Катица не само што не е никаков борец против мафијата, туку со право е осомничена дека е дел од мафијата, дека е иста како Боки Тредичи, ако не и полоша, дека е мафија по себе. Повторувам, засега само осомничена.

Оние кои сѐ уште имаат дилеми околу скандалов и околу ролјата на Катица (луѓе сме, грешиме, плус прва љубав заборава нема), а особено оние со обврски да паламудат дека сево ова било некаков заговор, ги упатувам да го прочитаат вториот „ферман“ што мистериозно протече од Обвинителство за организиран криминал, записник од сведочење на личност од телекомуникацискиот бизнис. Јас досега не сум слушнал за тој крак на приказната, но се распрашав малку и можам да ви кажам дека сведокот „од телекомуникацискиот бизнис“ не е оној „на Ж“, ако сте мислеле на него. Станува збор за еден друг опскурен лик, кој се расприкажал пред обвинителката Вилма Русковска како нашите рекетари (сите заедно, туто комплето) се обиделе да го рекетираат дури и контроверзниот Кондоминас, користејќи ги своите позиции во владата. Не знам колку сето тоа е вистина (моите извори велат – речиси сѐ), но ова сведоштво несомнено покажува дека не само што станува збор за организирана рекетарска група, туку и за застрашувачки амбиции на групата.

Другарчиња, никој не ве руши, сами се рушите!

Конечно, третата теза е настојчивото паламудење дека аферата „Рекет“ е креирана со пучистичка намера да се урне владата на Зоран Заев, за на власт пак да дојде ВМРО-ДПМНЕ, а можеби дури и Никола Груевски да ни се врати на бел коњ. Во овој дел, туруциве најчесто го спомнуваат и моето име. Можеби затоа што јас го пуштив Никола да избега во Будимпешта.

При тоа, се разбира, паламудиве се толку неспособни и јалови, што несакајќи ги откриваат слабостите на владејачката партија, која претседателските избори – пред аферата „Рекет“, пред аферата!!! – ги заврши со минус од 70.000 гласови зад партијата на Христијан Мицкоски. Се откриваат слабостите и паничниот страв на четата на Заев од губење на власта. Затоа кутриот Кирацовски од собраниската говорница плаче – аман луѓе, „Рекет“ па „Рекет“, дајте да зборуваме за други работи!

Другарки и другарчиња, турете си прст на чело, не ги слушајте туруциве и не наседнувајте на ова бескрајно паламудење. Никој не ве руши, самите си се рушите! Уште на самиот почеток ви реков дека аферава, без оглед на сите дефокусирања и разводнувања, има потенцијал да трае и да ја забавува јавноста во Република Северна Македонија до следните избори. Ќе има нови сведоци и нови осомничени, ќе проговорат осомничените, ќе има обвинение, ќе стасаат судските рочишта – каде ќе се криете? Кој ќе ве спасува, ова туруциве? Ама ајде, ви се молам, бидете еднаш сериозни! Како сте тргнале, па вие навистина ќе паднете како гнили круши, по ѓаволите! Ајде, соземете се побрзо, егзекутирајте ја политичката одговорност, зачистете во сопствениот двор, обидете се да се консолидирате и спремајте се за пресудната битка.

Немој после да кажете дека не ви било кажано. Ај сега чао, ве оставам да се забавувате со туруциве. Паламудењето не врши работа, но знае да биде забавно за луѓе во состојба на депресија во напредна фаза.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...