Општина Центар во врска со реакцијата на родителите на деца со посебни потреби, кои се револтирани затоа што општината од годинава нема да обезбедува за секое дете од оваа категорија, нагласува дека обезбедени се училишни асистенти за седум деца, а остаанатите ќе имаат дополнителен третман и грижа од училишните стручни служби-дефектолог, психолог и педагог.
„Општина Центар информира дека средствата за лични и образовни асистенти за децата со пречки во развојот до оваа учебна година ги обезбедуваше УНДП, за вкупно 15 ученици од Општина Центар.
Нашата општина секоја година аплицира на конкурсот на УНДП за обезбедување финансиски средства за лични и образовни асистенти со цел да обезбеди поддршка за сите деца со пречки во развојот кои учат во основните училишта на територија на општината.
За да излезе во пресрет и на други општини кои имаат потреба од лични и образовни асистенти, за оваа учебна година УНДП на Општина Центар и додели средства за само 5 ученици, а општината обезбеди средства за уште 2 ученици со пречки во развојот. Информацијата од УНДП за бројката на ученици кои ќе добијат лични и образовни асистенти, општината ја доби откако и буџетот за 2019 и ребалансот на буџетот за 2019 година веќе беа завршени.
Седумте асистенти за лични и образовни потреби за децата со пречки во развојот ќе бидат доделени на учениците на кои им се најпотребни, а селекцијата ја прават дефектолози од училиштата, што најдобро ги познаваат состојбите на овие ученици.
Во однос на родители-лични асистенти, согласно критериумите на УНДП тоа е недозволиво, особено заради тоа што родителот има различна емоционална врска со своето дете, од таа што треба да ја има асистентот и наставникот. Родителите по природата на нештата се грижат за своите деца, за што не би требало да бараат и очекуваат надомест. Општина Центар во целост ги почитува и се придржува до критериумите на УНДП.
Учениците со пречки во развојот кои оваа година нема да имаат личен или образовен асистент, ќе добијат дополнителен третман и грижа од училишните стручни служби-дефектолог, психолог и педагог“, се наведува во соопштението од одделението за односи со јавност на општина Центар.