Премиерот Зоран Заев на собраниската седница на која се гласа за двајца нови министри и тројца заменици-министри, рече дека Буџетот е стабилен како никогаш досега.
– „Буџетот е во одлична кондиција. Следната недела ќе го предложиме ребалансот на Буџетот за да видите каква широчина им отвора на министерот за финансии и на економските ресори, како и на сите други ресори при креирањето на политики. Сите политики од економската сфера немаат ниту еден цент, ниту едно дени од кредити. Еврообврзниците и задолжувањата на домашниот пазар одат за враќање на старите кредити кои што доспеваат или за изградба на инфраструктура. Платите во јавната администрација растат, го подмиривме долгот што го направивте кон земјоделците, има средства за интервентни фондови… Како е сé тоа можно и од каде пари ако е лоша финансиската ситуација на државата или ако земјава не е финансиски стабилна? Состојбата не само што е добра, туку и ќе продолжи да се зајакнува – истакна премиерот.