Aктивисти на ДУИ денеска на најбрутален начин упаднале во гостиварската гимназија и на класичен бандитски начин физички нападнале професори на нивното работно место, тврди Алијансата на Албанците. Според партијата, двајца повредени професори, како последица на овој физички напад, се хоспитализирани во Клиничкиот центар во Скопје.
„Ја потсетуваме јавноста дека огранокот на Алијансата на Албанците во Гостивар беше тој што реагираше навремено во врска со можните последици како резултат на политичката одлука на владата на господинот Заев за одземањето на ингеренциите на градоначалникот во сферата на образованието. На протестот организиран во Гостивар, на 20 март оваа година, поставивме јавно прашање зошто се земаат ингеренциите само во Гостивар, а не на пример и во Струга? Му се обративме и на премиерот, укажувајќи дека ние немаме никаква надеж во луѓето на ДУИ, бидејќи нив ги интересира само личниот интерес и личните придобивки, а не општите интереси на граѓаните“.
Партијата тврди дека еден од напаѓачите на професорите во гостиварската гимназија е синот на принудно назначениот директор од владата, Џези Камбери, а другиот напаѓач е телохранителот на поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта. Класичен бандитизам и дилетантизам, коментира Алијансата и прашува:
„Дали целта на господинот Заев е враќање на анархијата во образованието во Гостивар? Дали анархијата во образованието му одговара на Заев, како што му одговара на ДУИ? Се прашуваме зошто не се дозволува здраво образование на гостиварските деца?“.
Партијата го повика членството да не потклекнува под притисоците и на никој начин да не одговара на ваквите провокации, а од МВР бара да го расчисти случајот.
„Владата и во конкретниот случај министерот за образование ја сноси најголемата одговорност на овој вандалски чин, којшто на ниеден начин не сакаме да се повтори“, се вели во партиското соопштение.