Димитров: Дојден е мигот за следниот чекор кон продлабочен европски пат

192

Во поглед на нашите европски очекувања во октомври, покрај одредени предизвици и несовршености, она што го постигнавме изминативе две години несомнено заслужува и дефинитивна валидација од нашите европски пријатели, порача шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ во Финска.

Димитров на состанокот учествува на покана на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хависто (во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ).

– Притоа би сакал уште еднаш да потенцирам дека нашата европска приказна е отпочната одамна и верувам ќе се согласите дека дојден мигот за следниот чекор кон продлабочен европски пат, кој води кон комплетирање на Европа. И тука сите ние го немаме луксузот да се дозволи да бидеме колатерална штета на какво било друго прашање што не е во наши раце – рече Димитров.

По состанокот беше одржан и работен ручек на кој Министрите разговараа на теми посветени на унапредување и заштита на бранителите на човековите права, и предизвиците со кои тие се соочуваат ширум светот.

Министерот Димитров оствари средби и куси разговори и со министрите: на Словачка, Мирослав Лајчак, на Франција, Жан-Ив Ле Дриан, на Ирска, Симон Ковени, на Романија, Рамона Манеску, на Бугарија, Екатерина Захариева, на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, на Луксембург Жан Аселборн, на Австрија, Александер Шаленберг, на Чешка, Томаш Петричек, како и со финскиот домаќинот, Пека Хависто.

Главен акцент во разговорите од страна на министерот Димитров беше ставен на обезбедување поддршка за донесување на позитивна одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија од страна на Советот на ЕУ во октомври.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...