Дваесет и шест млади дипломирани граѓани денеска во Воената академија „Михајло Апостолски“ потпишаа договори за стручно оспособување и усовршување, со што по шест месеци ќе се стекнат со офицерски чинови и ќе добијат постојано вработување во Армијата.
– Секоја армија има потреба од вакви експерти, и не може да се потпре исклучиво на експерти кои имаат воено образование, туку мора да се развиваат и службите во армијата. Но досега имавме често проблем да регрутираме луѓе кои шест месеци треба да бидат на обука и требаше да се издржуват со по 3.500 денари што им ги плаќаше државата, односно МО – рече Шекеринска.
Тие сега, додаде таа, со одлука на Влада, наместо 3.500 како досега, месечниот надоместок за време на обуката ќе биде во висина на месечна просечна плата, односно околу 25.000 денари.
– Веднаш кога ќе ја завршат обуката стануваат полковници, и во тој случај нивната плата со двете зголемувања едното од минатата година, едното од овој септември ќе биде над 30.000 денари. На таков начин ќе успееме да регрутираме нов квалитетен кадар но успеваме да обезбедиме и повеќе кандидати за пилоти. Затоа што истата одредба која важеше за овие млади луѓе важеше и за кандидатите за пилоти, ги обучувате, очекувате да бидат квалитетни, стручни, многу подготвени, а од друга страна голем период ги оставате без сериозен надомест. Ова го променивме со одлука на Влада и сметам дека на ваков начин Армијата ќе може да регрутира и да си обезбеди експерти кои се неопходни во сите служби – рече Шекеринска.
Младите дипломирани луѓе беа избрани по објавениот Конкурс од страна на Министерството за одбрана февруари годинава, а по стекнувањето со офицерски чин, ќе бидат распоредени во техничката, интендантската, сообраќајната, санитетската, логистичката и правната служба на Армијата.