Синдикатот на Македонска бара подобрување на условите за работа и зголемување на платите. Вработените бараат враќање на вредноста на бодот и зголемување на платата за 10%, што би довело до приближување на нивните плати до просечната плата и зголемување на нивниот стандард и подобрување на условите за пристоен живот.
– И покрај намалувањето на загубите во работењето, како и целосната конструктивност и посветеност на претседателот и членовите на Управниот одбор за изнаоѓање на решение за посочените проблеми и барања на вработените, во изминативе неколкумесечни преговори не успеавме да најдеме соодветно решение кое би било поволно за компанијата и за вработените – велат од Синдикатот.
Повеќе од 30 години ниту за еден денар не се зголемени платите во Македонска пошта. Незадоволството кај вработените расте и поради намалувањето на вредноста на бодот пред 12 години, со образложение во времетраење од шест месеци, но таа намалена вредност на бодот и ден денеска е на сила.
Особено е изразено незадоволството кај вработените во технолошкиот процес каде што просечната плата на ниво на компанија изнесува 17.650 денари, износ кој е поблиску до минималната плата, отколку до висината на просечната плата во Македонија.
Вработените се соочуваат и со лоши услови за работа, како и со недостиг на основните средства за работа, односно потребата за набавка на работна облека, велосипеди, мопеди, компјутерска опрема, санација на објектите и други материјали.
– Работна облека не е набавена повеќе од 10 години. Добивме ветување од претседателот на Управниот одбор дека годинава набавката на работна облека ќе биде приоритет, за што и на почетокот од годинава УО донесе одлука, но до ден-денеска постапката не е почната поради немање согласност од Надзорниот одбор – велат од Синдикатот.
Синдикатот не се согласува со отпочнување на либеризацијата на први октомври 2020 година зашто цени дека со тоа дополнително би се зголемила неизвесноста и иднината на компанијата. Поради тоа Синдикатот на Македонска пошта бара да се пролонгира либерализацијата на поштенскиот пазар до влез на земјата со членство во Европската Унија.
Синдикатот бара итна средба со премиерот за да се надминат состојбите и да се реализираат барањата.