После дрвената статуа на Меланија Трамп во нејзиното родно место, своја дрвена статуа во Словенија доби и нејзиниот сопруг, американскиот претседател Доналд Трамп. Објектот ненадејно никна на приватно земјиште во селото Села, општина Камник, објави синоќа „Вашингтон Пост“.
Статуата го прикажува Трамп во син костум и црвена вратоврска, со лут поглед во очите и рака крената право нагоре со стисната тупаница.
На претседателот нема да му се допадне, претпоставува изданието, кое статуата ја споредува со „божиќен оревокршач“ или како детската играчка Пез, но „претседателски Пез“.
Локалниот уметник кој ја создал статуата сакал да претстави Трамп Супермен или некаква Статуа на слободата, сепак уметничкото дело излегло како „провокација, затоа што светот е полн со популизам“, изјавил уметникот за словенечката телевизија „Канал А“.
Сопственикот на земјиштето не е задоволен од појавата на објектот на неговиот имот.
– Не ме предупредија што прават и во октомври ќе ги натерам да ја симнат – изјавил тој.
Можеби ова е одраз на словенечкиот однос на „љубов и омраза“ кон Трамп, изјави за весникот Игор Омерза, поранешен член на Парламентот на Словенија и писател кој обавил книги за Меланија Трамп.
Словенија е воодушевена од Трамп, токму поради тоа што неговата сопруга стана најпознатата Словенка во светот.
Летово своја статуа доби и Меланија. Речиси три метри високиот објект, направен од дрвено стебло изрезбано со моторна пила покрај реката во Севница, родното село на сопругата на американскиот претседател.
Резбата, порачана од Бред Дауни, концептуален уметник од Кентаки кој работи во Берлин, ја прикажува Меланија во синиот кашмир фустан што го носеше на денот на инаугурацијата на Трамп, а „всушност личи како некоја Штрумфета или плашило“, посочува весникот.